Стариот блок од општата болница комплетно ќе се реконструира
-Првата варијанта беше да се оди на парцијално санирање на зградата, но по извршените технички испитувања се донесе одлука да се изврши комплетна реконструкција, бидејќи се работи за асеизмичен објект, за кој поради старите ѕидови, електрична инсталација и дограма се трошеа огромни средства за греење во зима, вели д-р Сашо Василески. Тој информираше дека наместо првично предвидените 900 000 евра, во реконструкцијата на охридската општа болница ќе бидат вложени 2,1 милиони евра, средства што ќе ги обезбеди државата.
Реконструкцијата на стариот болнички блок треба да биде завршена најдоцна за 16 месеци, со што Охрид ќе добие модерен здравствен центар, вели Василески. Тој уверува дека ниту еден вработен нема да биде отпуштен и дека пациентите нема да останат без потребната здравствена грижа додека трааат градежните работи.
-Средниот персонал ќе биде распределен на соодветни работни места во други одделенија, а лекарскиот персонал од урологија, хирургија, гинекологија и уво грло и нос ќе биде распореден во кардиолошкиот центар, специјалната болница „Св. Еразмо“ и во болницата во Струга, што значи дека граѓаните нема да останат без услугите на овие одделенија, додава д-р Василески.
Тој посочува дека Општата болница во Охрид иако не е така поставена, во голем дел од годината функционира како регионален центар кон кој гравитираат жителите од околните општини. Оптоварувањето особено е големо во лето, кога поради зголемениот број на несреќи, труења со храна, алкохол и други интервенции, обемот на работа на одредени одделенија се зголемува за 200 отсто, поради што се наметнува потребата од изградба на Ургентен центар во кој ќе биде сместена и службата за брза помош која сега работи во несоодветни услови, смета д-р Василески.