Народниот театар Охрид во петок, 19-ти февруари, премиерно ќе ја изведе претставата “Стари Времиња” од Харолд Пинтер, на својата сцена во НУ Центар за култура “Григор Прличев”. Оваа претстава беше изведена на фестивалот „Охридско лето“, а сега премиерно се става на репертоарот на Народниот театар Охрид.

Претставата е во режија Нела Витошевиќ, а играат Ирена Ристиќ, Горан Стојаноски и Јасмина Билаловиќ. Костимографија е на Роза Трајческа Ристовска, сценографија Нела Витошевиќ, видео материјал Васил Христов, избор на музика Нела Витошевиќ, а сценографијата ја изработи “Вуле Игор вудкрафт” Охрид.

„Нобеловецот за литература, Харолд Пинтер, препознатлив по неговиот исклучително оргинален начин на пишување, често нарекуван од критичарите „Пинтеризам“, со неговиот лик и дело претставува икона на современата драма. Тој во своите дела секогаш се повикува на минатото како клучен фактор за последиците и растројствата кои се нерешливи во животите и судбините на неговите ликови. Во неговиот најпознат текст „Стари времиња“ со кој се пробива на светската театарската сцена, ги следиме личните приказни на брачниот пар Дили и Кејт, чиј простор на делување станува загрозен со пристигнувањето на Ана, другарка и цимерка на Кејт со која делеле иста соба пред дваесет години, на студии во боемскиот Лондон. Преку евоцирање на спомени прикажано низ тек на мислите на карактерите, а повремено испрекинати со дијалози, авторот не воведува во мистеријата на приказната во која деструктивната сила на копнежот, претставува главен двигател на дејството. Преку доминантното чувството на постојана опасност и сексуална провокација се води битката помеѓу Дили и Ана за освојување на срцето на Кејт. Преку анализа на сеќавањата, длабоко се отвараат трите карактери и нивните психолошки проблеми. На тој начин и просторот во текстот претставува бојно поле во кое карактерите се борат за своја територија, поседување, контрола. „Редот“ е нарушен уште од самиот почеток на драмата, за гледачот да се запраша дали е возможно тој повторно да го победи хаосот предизвикан од силните слики на минатото?!…“ – вели режисерката Нела Витошевиќ.

Претставата започнува во 20 часот.

Влез 200 денари.

OhridNews