На свеченост што се одржа вечерва во куќата на Уранија, на академик Георги Старделов свечено му беше врачена светската награда за хуманизам за 2020 година, што ја доделува Охридската академија на хуманизмот.
Наградата на првиот добитник на ова престижно светско признание од нашава земја, му ја врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
–Вечерва кога сме „најблиску до Бога“ со чиста љубов и мисла се поклонуваме пред делото на Македонецот кој со своите величествени творечки достигнувања успеа да ја извиши нашава земја до најодалечените Светски културни меридијани.Академик Георги Старделов е четиринаесеттиот добитник по ред на светската награда за хуманизам, а прв од Македонија, правејќи не со тоа, нас Македонците исклучително горди што припаѓаме на неговиот род.-истакна градоначалникот Георгиески.
Старделов е автор на импозатен опус од доменот на филозофијата, естетиката и критичката мисла, објавен на голем број јазици на петте континенти.
–Исклучително сум почестен што Охридската академија на хуманизмот го вброи моето име на оваа светска награда со огромен престиж што досега била доделена на личности кои оставиле длабоки траги во светската историја на хуманизмот. – истакна Старделов.
Академик Георги Старделов, станувате прв добитник на Светската награда на хуманизмот од Македонија, бидејќи е автор кој припаѓа на врвот на Светската цивилизација, рече во беседста за добитникот претседателот на Охридската академија на хуманизмот Јордан Плевнеш.
-Вие кога ќе ја изговорите парадигмата Weltschmerz и македонскиот бол станува дел од светскиот бол. Кога Вие ќе изговорите светска филозофија и Македонија ја добива со Вас потпорната Архимедова точка. Кога ќе речете Светска историја го одредувате местото на Македонија и нашите очи се свртени кон Вашата реторика, бидејќи Вие сте оратор што не се повторува еднаш на 1000 години. – рече Плевнеш.
Беседа за Старделов одржа и претседателот на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите, Жан-Патрик Конрад, професор на Ројал колеџот од Лондон.
–Мислам дека овогодишниот лауреат, за 2020 година, академик Георги Старделов, со целокупното негово дело, во доменот на литературата, естетиката и филозофијата, е вистинската интернационална референца и нов столб на хуманизмот кој ќе продолжи да ја води ваквата борба, токму затоа што тој, покрај своите таленти и знаење, ја има и привилегијата да биде Македонец! Да се биде Македонец значи да не се припаѓа на ниедна од големи националистички ложи на Европа на неприкосновената моќ, и во таа смисла можеме да можеме слободно да им судиме на идеите што сакаат по секоја цена да ни ги наметнат во нашата современост.-истакна тој.
Охрид престолнината на духовноста и вератa, градот на УНЕСКО, оваа година ќе биде закитен и со спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“ чиј автор е неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, кому на вечерашната свеченост му беше оддадена почит.
OhridNews
фото: Мега продукција