Името на нашата земја е Република Македонија и тоа мора да остане доколку дојде до некаков политички компромис за решавање на спорот околу името, изјави вчера во Охрид претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Георги Старделов.

– Не можам да го изразам ставот на МАНУ, бидејќи ние како Академија не сме дискутирале за ова прашање. Но, можам да кажам дека во еден континуитет ние баравме како Македонска академија, како наука, решение на овој спор и бевме уверени дека она што не смее да биде изменето во нашето име е Република Македонија. Дали ќе стои нешто трето тоа е прашање кое треба да го решат политичарите, а не науката, таа знае само за едно дека ние сме тоа што сме со милениуми и потполно е бесмислено од научна гледна точка да предлагаме измени, некои додавки или решенија кои би биле логични во политиката која е сфера на компромиси, а во науката компромисот нема значење.-истакна Старделов.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со изработката на нова Енциклопедија, академик Старделов рече дека подготовките течат според предвиденото и дека редакцискиот тим наскоро треба да излезе со предлог текст во кој ќе бидат сумирани ставовите за тоа како да изгледа енциклопедијата.

Г.М.