„Зборуваме холандски!“ – пишува на натписот закачен на излогот. Дуќанот на веројатно единствениот преостанат вистински занаетчија во охридската чаршија, Милан Белев, изгледа исто како пред 50 години. Милан има 81 година и работата во дуќанот долги години ја водел заедно со брата си Ѓорѓи, а од 1999 години, по неговата смрт, е сам.

– Како научивте холандски и кога? – е првото прашање за мајстор Милан.


„Ех, учевме од нив (Холанѓаните з.а.) по малку, не дека знаевме сé ама во комуникација со туристите можевме да се разбериме, со некои едноставни фрази. Имаше многу луѓе од Холандија, и не само од таму, ево види ги сликиве од пред 30 години (на сликата е тој со група јапонски туристи)
“ – се сеќава мајстор Белев, а во гласот му се чувствува блага носталгија за поминатото време.

„Овој натписов „Зборуваме холандски“ е од 1967, го донесе и го постави еден од туристите: Ево. Сега зборвите холандски, велит. – А бе не знајме толку чудо. – Па ќе научите! – И така „моравме“ да научиме!“

Милан Белев има 81 година, а опинчар е веќе 60 години. Занает учел како момче во Кралството Југославија, во градот Заечар, а дошол во Охрид и отворил дуќан во 1942 заедно со братот Ѓорѓи.


Дуќанот со староста „дели“ од околината

„До пред 20 – 25 години чаршијата беше полна со дуќани и занаети од секаков вид, ковачи, самарџии, наланџии, бербери, златари ама вистински златари, уметници. Денес има само трговци. Имаше еснаф, живот, се помагавме еден со друг. Сега си ги копет очите“ – разочарано вели Милан.


Шеесет години опинчар – Милан Белев

На времето кога имало многу работа изработувале секакви производи од кожа (опинци, колани, каиши и сл.) не само за туристите туку и за разни културно – уметнички друштва од Охрид и Македонија. Сите производи се изработуваат исклучиво рачно. За еден пар опинци се потребни околу 4 – 5 часа. Денес ретко некој влегува во дуќанот, чат – пат за некоја ситна услуга. И мајсторот самиот вели дека доаѓа само да не седи без работа, да ги „вежба“ прстите. Неговото знаење и занает нема кој да го учи, ниту пак некој некогаш покажал интерес за тоа.


Правам огламник ама немам коњ –
се шегува на своја сметка

Иако минативе неколку години се најавуваше туристичко враќање на Холанѓаните во нивната позната дестинација – Охрид, мајстор Ѓорѓи вели дека нема ништо од тоа. „Старите, златни години на туризмот и бројноста на холандските гости никогаш нема да се вратат“. Да се надеваме дека не е во право.

С. Костоски