Деветтото продолжение на култниот научнофантастичен филм „Војна на ѕвездите“ (STAR WARS) ќе се снима во Охрид. Оваа одлука компанијата „Дизни“, која ја откупи франшизата за Ѕвездените војни од „Лукас филм“, ја донела за време на снимањето на осмото продолжение од филмот, кое се реализира во Дубровник.

Сличноста на амбиентот, старите градби, Охридското Езеро и најавените проекти во градот и на крајбрежјето биле пресудни познатиот холивудски филмски бренд со милионски буџет да го избере Охрид како една од локациите на кои ќе се снима филмот во 2018 година.

Како што дознаваме Охрид всушност ќе „глуми“ морска дестинација, а пресудно тој да биде избран за снимање на „Војна на ѕвездите“ биле најавените проекти за изградба на медитеранска плажа во Лагадин и замена на автохтоните дрвја со влакнести палми. Според продуцентите во интерес на филмот би била и изградба на што е можно поголеми платформи во литоралот на Охридското Езеро, но од друга страна тие изразиле загриженост од уништување на уникатните вредности и загрозување на ендемскиот жив свет во најголемиот басен со питка вода во овој дел од Европа, поради што овој еко систем е прогласен за светско природно наследство заштитено од УНЕСКО. Наводно продуцентите добиле уверување од властите дека со предвидените зафати покрај и во вода нема да се наруши природниот баланс и дека амбициозниот научно фантастичен филмски проект непречено може да се реализира.

Евентуалната реализација на не така одамна најавени ветувања за изградба на хотел на вода со марина и аеродром на вода, исто така се вклопувале во футуристичките проекции на продуцентскиот тим на најпознатата научнофантастична франшиза, додека бројните кружни текови би се користеле како платформи за вселенските бродови меѓу кои и најпознатиот “Millennium Falcon” на капетан Хан Соло (Харисон Форд). Дел од нив по снимањето би останале тука како туристичка атракција.

Априли ли ли ли!

Дарт Вејдер