Остри реакции од Здружението „Стар Лагадин“ во врска со изјавеното од страна на премиерот Зоран Заев на одржаната трибина во Охрид, во врска со хотелот во Лагадин. Според членовите на здружението, премиерот отворено се ставил во улога на поттикнувач на еден од најтешките облици на корупција и криминал-градежна или урбанистичка мафија.
- Кон крајот на 2015 од страна на тогашната власт на локално и државно ниво, незаконски беше суспендиран постоечкиот урбанистички план за населбата Лагадин со донесување на т.н. Општ акт со кој, со игнорирање и прекршување на дузина законски и уставни одредби, се овозможи не само почнувањето на градбата на овој хотел, туку и натамошна тотална урбанистичка деструкција на населбата Лагадин со која населбата неминовно ќе претрпи трансформација налик на онаа која му се случи на скопско Дебар маало, велат жителите на Лагадин.
Тие додаваат дека здружението во април 2017 покренало инцијатива во Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на законитоста на Општиот акт за Лагадин и негово поништување.
- Иницијативата ја поткрепивме со експертиза на врвен експерт и судки вештак од областа на урбанизмот, како и правно мислење на реномирана адвокатска канцеларија. Произнесувањето на Уставниот суд очекуваме да се случи набргу, во текот на овој или наредниот месец. Напоменуваме дека поништувањето на Општиот акт ќе подразбира и отстранување на градбата на тој хотел. Не можеме да веруваме дека премиерот не бил запознаен со оваа околност, бидејќи со неа го имаме запознаено министерот Сугаревски кој беше исто така присутен на настанот во Охрид, велат од здружението.
Се надеваат дека со нивните заложби придонесат кон справувањето со корупцијата и градежната мафија која, како што велат, со уништување на крајбрежјето со хиперурбанизација сериозно го загрозува статусот на Охридскиот регион како светско наследство на УНЕСКО.
OhridNews