На средбата со Н.Е. Роман Вашчук, Амбасадор на Канада за Република Македонија со седиште во Белград, Претседателот Иванов изрази благодарност за постојаната поддршка што Канада ја дава за македонските интегративни процеси. Претседателот Иванов и Амбасадорот Вашчук високо ги оценија меѓусебните билатерални односи и средбите на раководствата на двете држави. Претседателот Иванов укажа на важната улога што ја игра македонската заедница во Канада за поврзување на двете земји, потенцирајќи дека во новиот состав на македонското Собрание за првпат се вклучени претставници и на македонските државјани во Северна Америка. Претседателот изрази надеж дека односите ќе продолжат да се продлабочуваат, со отворање на канадска амбасада во Македонија.
Претседателот Иванов му честиташе на Н.Е. Фаиг Багхиров, Амбасадор на Република Азербејџан за Македонија со седиште во Анкара, на новата функција. На средбата по предавањето на акредитивните писма, Претседателот Иванов и Амбасадорот Багхиров изразија задоволство што двете земји одржуваат дипломатски контакти и бараат начини за развој на економската соработка. Претседателот Иванов и Амбасадорот Багхиров разговараа за проектите за енергетско поврзување на Европа и регионот на каспискиот басен, и можностите за поврзување на Република Македонија со овие проекти кои гарантираат економски развој и енергетска сигурност.
Претседателот Иванов и новоименуваниот Амбасадор на Унгарија, Н.Е. Јожеф Бенце на средбата изразија взаемно задоволство од високото ниво на меѓусебните односи на двете држави. Претседателот Иванов му се заблагодари на Амбасадорот Бенце за силната поддршка која Република Унгарија и ја пружа на Македонија во активностите за отворање на преговорите за членство со Европската Унија, особено во периодот на унгарското претседавање со Европскиот Совет. Претседателот Иванов и Амбасадорот Бенце изразија задоволство од нивото на економска соработка, и потенцираа дека постои можност таа дополнително да се продлабочува, информираат од Кабинетот на претседателот.