Стапија во сила новите законски одредби од областа на воздухопловството кои овозможуваат целосно транспонирање на новата регулатива на Европската Унија од областа на воздушниот сообраќај. Надлежноста, активностите и организацијата околу трагање и спасување во воздухопловството преминуваат во Центарот за управување со кризи (ЦУК), хеликоптерите од МВР се враќаат во цивилниот регистар на воздухоплови во АЦВ, а се предвидува уште еден независен извор на финансирање на цивилните воздухопловни власти.
Директорот на АЦВ Томислав Тунтев во разговор за МИА објаснува дека легислативните промени и нови решенија се во насока на унапредување на условите за развој на воздухопловните активности.
Европската воздухопловна регулатива ја креира ЕАЅА – Агенцијата на ЕУ за безбедност во воздушниот сообраќај, со која нашата држава во 2013 год. има потпишано посебен работен аранжман – билатерален договор, и на тој начин сме се обврзале дека ќе ги имплементираме сите европски регулативи во нашето законодавство. Таквата обврска произлегува и од Договорот за формирање на европска заедничка воздухопловна област, што Македонија го потпиша со Европската Унија во 2006 година. Новиот закон за воздухопловство претставува чекор напред во создавање на услови и можности за побрза, полесна и поефикасна транспозиција на европското воздухопловно законодавство, објаснува Тунтев.
Како што укажува, ЦУК ја презема оперативата околу трагање и спасување во воздухопловството.
На тој начин се прави јасна и прецизна дистинкција во надлежностите за S&R – Search and Rescue во воздушниот сообраќај – надзорот останува во рамки на АЦВ, додека оперативата преминува во ЦУК. Таквата поделба на надлежностите овозможува превенција и спречување на евентуален конфликт на интереси во областа на трагањето и спасувањето на воздухоплови и луѓе во вонредни околности, укажува директорот на АЦВ.
Со новиот закон, хеликоптерите од МВР се враќаат во цивилниот регистар на воздухоплови во АЦВ. По повеќегодишна посебна интерна организација, регистрирање и одржување, сертификација на полициските хеликоптери повторно е во надлежност на АЦВ.
За таа цел, појаснува Тунтев, во изминатиот период биле преземени повеќе заеднички активности во МВР и АЦВ, околу конверзија на полициските пилотски дозволи во цивилни, и инспекциски надзори за сертификација на воздухопловите.
Законот предвидува и дополнителен начин на финансирање на АЦВ, односно уште еден независен извор на финансирање на цивилните воздухопловни власти. Тоа се однесува на реализација на надзорните активности на АЦВ врз аеродромскиот оператор и превозниците, како субјекти на националната авиоиндустрија.
Законските одредби предвидуваат надомест во вредност до едно евро за секој заминат патник од македонските аеродроми. На тој начин ќе се намали доминантното учество на надоместоците од прелети во финансирањето на националното регулаторно и надзорно тело, со што ќе бидат ослободени дополнителни средства за развој на воздухопловните активности и системи во државата. Ваквиот модел, на комбинирано финансирање на цивилните воздухопловни власти од повеќе независни извори, се применува во голем број европски држави, затоа што овозможува посоодветна распределба на надоместоците за надзорните активности на националниот регулатор, објаснува Тунтев.
Новиот закон предвидува и изработка и имплементација на Национален план за спречување на несакано излетување и неовластено влегување на воздухопловите (aircraft excursion and incursion) на маневарските површини на аеродромите. Планот треба да придонесе за значајно унапредување на безбедноста на воздушниот сообраќај на македонските аеродроми, затоа што, според АЦВ, претставува основа за превенција од инциденти, сериозни инциденти или несреќи на воздухоплови на полетно-слетната патека и другите маневарски површини на аеродромите.
OhridNews
фото. МИА