Клучен приоритет на Европската Унија е да се намали ескалацијата во Косово, а властите во Приштина имаат „јасна законска обврска“ веднаш да преземат чекори за формирање на Заедницата на српските општини, изјави денеска портпаролот на Европска комисија Петер Стано.
На брифинг со новинарите во Брисел, Стано наведе дека „создавањето Заедница на општини со српско мнозинство е обврзувачка законска должност за Косово“ и оти нејзино понатамошно неспроведување „ги поткопува не само принципите на владеењето на правото на Косово, но и наштетува на угледот, кредибилитетот и довербата во Косово“.
Тој додаде дека двете страни, Србија и Косово мора да ги спроведат своите ветувања и обврски кои произлегуваат од Бриселскиот договор и договорите постигнати во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ.
Стано посочи дека „клучен приоритет е да се намали ескалацијата на терен“, и дека изминатите денови има „многу опасна ескалација и развој што ги стави во ризик годините напорна работа и достигнувања“.
Според него, тоа ќе има последици не само за Србија и Косово, туку и за целиот регион, предупредувајќи дека, како и војната во Украина, разгорувањето на жариште неминовно може да се прошири на целиот регион.
OhridNews