Српскиот чувар на мрежата Дарко Станиќ и македонскиот ракометен првак Металург спогодбено се разделија.
Станиќ во Металург мина три сезони во кои стана незаменлив „Министер за одбрана“ и беше миленик кај „сината“ армија навивачи.
– Поминав три прекрасни и незаборавни години во дресот на Металург. Седнавме на маса и во конструктивен дијалог со управата на клубот спогодбено го раскинавме договорот. Најискрено жалам што и јас и клубот се најдовме во оваа ситуација, но на крајот сите заедно собравме сили и го изнајдовме најдоброто решение за двете страни. На мојот досегашен клуб му посакувам многу среќа во иднина и повторување на истите резултати и успеси од трите сезони во кои и јас бев дел од овој успешен проект – рече Станиќ за официјалниот сајт на Металург.
Чуварот на мрежата беше една од главните алки во најголемите успеси на тимот од Автокоманда како на домашно така и на европско тло.
Мх.П.