По одбраната на титулата на меѓународниот ракометен турнир во Струга експедицијата на Металург се пресели во Охрид. Таму „металурзите“ ќе ги одработат финалните подготовки за престојниот дуел со Пиг – Сегед за влез во групната фаза од Лигата на Шампиони.
– Задоволни сме од играта и резултатот на турнирот во Струга бидејќи тоа за нас беа први пред сезонски натпревари. Не знаевме што не очекува на турнирот во Струга и позитивно сме изненадени од она што го одиграмве – рече предводникот на голманката тројка во Металург, Дарко Станиќ.
Најмладиот од тројцата чувари на мрежата на Металург, Никола Митрески триумфот на турнирот во Струга го гледа како успешна генерлка пред мечот со Пиг – Сегед.
– Со оглед дека турнирот во Струга ни беше генерална проба за бараж средбата со Пиг- Сегед заврши успешно. Сите ракометари кои добивме прилика одигравме одлично што ни дава надеж за добра сезона – истакна репрезентативецот, Митрески.
Повредата која го мачеше Петар Ангелов ланската сезона е минато. Популарниот „Диви“ гледа напред кон повторување на успехот остварен минатата сезона во Лигата на Шампиони.
– На турнирот во Струга видовме некои ситни недостатоци во играта, но има време да ги остраниме и спремни да го дочекаме предизвикот наречен Пиг – Сегед. Повредата на коленото е веќе минато ги нема тие болки и очекувам плодна сезона за мене и за мојот тим – посочи Петар Ангелов.
Металург во градот под Самоиловите тврдини ќе се остане до в четврток потоа се враќа во главниот град од земјата каде ќе го дочека Пиг – Сегед во бараж средбата за ЛШ.
Мх.П.