Исчезнува градското зеленило. Новоизградени станбени објекти ги заменуваат дрвата и тревата. Секојдневно сме сведоци на нивно сечење и уништување како резултат на бројните зафати на градежните претпријатија во градов. Речиси и да не остана слободна зелена површина на која не е започнато да се гради или пак тоа е во план. Наместо нив никнуваат бетонски патеки, работни простории, објекти. Понесени од привлечните понуди на инвеститорите за нов стан во замена на нивните  досегашни живеалишта, не е мал ниту бројот на граѓани кои се одлучуваат да ги исечат дрвата кои сами ги саделе во сопствените дворови пред повеќе од 20- тина години.

Експертите постојано предупредуваат на негативните последици од ваквото пустошење на зелените површини. Но, впечатокот е како никому да не му е грижа што сето ова се случува. Како поважен да е асфалтот, од колку зеленилото. Пред се, ова се однесува на градските власти кои се и надлежни за давање дозвола за сечење дрва на ниво на општината.

Т. Кувенџиска