Ситуацијата во театрите ширум Македонија не е на многу завидно ниво во поглед на условите за работа и финасиите кои се одобруваат за нив. Ние сме луѓе кои сме ја одбрале таа професија и сме подготвени да направиме жртва и да замижиме на многу работи, за на крај нашето свето нешто – премиерата, да излезе во најдобар ред и да и се претставиме на публиката како актерите така и сите кои работат во позадина, вели актерот Стрезо Стаматовски во новото издание на емисијата „Напладне“, по повод Светскиот ден на театарот.

Може многу да се направи за актерите во Македонија и треба да се поработи на тоа. Се надеваме сите на подобри времиња. Културата е скапа работа и треба да се инвестира во неа. Театарот е тимска работа и ќе треба со многу поголемо внимание да се гледа на него и на театарската култура, од страна на Министерството, Владата па се надолу до раководители. Привилегија и чест е да се биде театарски актер во Македонија и сите помлади генерации треба да гледаат на националните театри со едно такво око, вели Стаматовски.

Театарот, потенцира, никогаш не може да ја изгуби битката со модерната технологија, бидејќи има поинаква магија, моќ, поинаков разглас.

Во театарот особено во Охрид гледаме интензивно последниве неколку години дека на голема врата се врати публиката и гледаноста на тетарските претстави, се разбуди духот за тоа што значи жива уметност посебно по ковид периодот. Театарот нема да ја изгуби вредноста и цената во денешницата, напротив е жива работа која се менува и ќе се прилагодува согласно новите трендови и технологии. Да се биде актер во Национална институција е титула кој секој од нас со гордост треба да ја носи, вели Стаматовски.

Посочува дека Охридскиот театар има алармантна потреба од нови вработувања, бидејќи, како што вели, публиката ги гледа во секоја можна претстава и едноставно бара освежување.

Бараме други актери, нова енергија, помлади, со сето тоа ќе ги натераме младите да се пренасочат кон театарот и да видат и опција за кариера и таму. Ова нека биде некој апел доколку може да стигне до нечии уши, дека апсолутно итна ни е потребата од нови вработувања, пред се актерски, вели.

Актерите и тетарот, додава, отсекогаш биле силен медиум кој знаел да урива дури и кралеви и цареви и тие треба да бидат политички активни и дел од политиката, но не треба да бидат дел од партијата.

Партијата направи раздор во театарот, не политиката. Актерите треба да бидат вечната опозиција, критичарите на сега, на случувањата во општетството. Понатаму во некоја друга партиска определба и друга провиненција на власт, повторно треба да ја заземат страната на критичарите. Тоа што мене најмногу ми смета кога ќе видам актери кои се квалитетни, со големо искуство, се дел од одредени партиски структури и високо котираат во истите. Се користи нивната медиумска препознатливост за бедни гласови, кое е исто така би рекол една проституција на самата професија. Од таа партизација во моментов сме сведоци дека одредени имиња кои беа на македонската сцена не се активни зошто нивната провиненција не е на власт и утре ќе биде поинаку кога нивната провинеција ќе дојде на власт, актуелните ќе бидат паузирани.

Партиската определеност во овој момент, заклучува Стрезовски, е една чума која го јаде театарот од внатре, а доколку прашате некој од тие, вели, ќе речат дека единствениот начин за да можат да дејствуваат за подобро утре на театрите е точно преку влегувањето во одредена партија и стигнување до одредена власт.

Во однос на условите во Охридскиот театар имаме субполарни услови. Во зимскиот период се бориме со затоплување на просториите, во текот на летото за нивно разладување. Зборуваме за објект којшто пред се не е наменет за театар и ова не е само во Охрид. Немаме најосновни услови и тоа воопшто не е поврзано со тоа кој е раководител или кој бил. Тоа е системско деградирање, во смисла ќе помине, може и без тоа. Не се инвестира, а културата е скапа работа. Културата не може да биде комерцијална, за да после ние од тие пари ги средуваме нашите згради. Не разбирам. Луѓе плаќаат даноци за сето тоа, парите се тука. Државата не вложува, а сега сме во стадиум на подзаборавени, на маргините како култура. Но, ние се обидуваме како и сите театри да ги сокриеме тие недостатоци и на крај завршуваме максимално со труд, да се претставиме во најдобро светло пред публиката, додава Стаматовски.

По повод Светскиот ден на театарот, вечерва во НУ „Григор Прличев“, Народниот театар Охрид ќе ја изведе хит претставата „Енергични луѓе“ работена по текст на Василиј Шукшин, а во режија на Александар Ивановски.

OhridNews