Охридскиот фудбалски стадион ќе добие нова, современa трибина со капацитет од 800 до 1000 гледачи,  која до крајот на 2020 година треба да се изгради на источната страна од теренот. Уште една таква ќе се гради во скопски Чаир, откако Европската куќа на фудбалот – УЕФА одговори позитивно на апликациите од Општина Охрид и Општина Чаир, кои ги презентираше Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Во септември месец Општина Охрид поднесе апликација до ФФМ за изградба на нова трибина. ФФМ одлучи нашата и апликацијата на Чаир да ги прифати и ги презентираше во УЕФА. Позитивен одговор за апликацијата добивме на 29 ноември, кога се одржа состанокот на високото тело на УЕФА. Новата трибина која ќе се гради на исток ќе има капацитет од 800 до 1000 гледачи, додека западната ќе си остане на истото место. На источната трибина ќе има подтрибински дел, соблекувални, судиски и делегатски простории, простории за допинг контрола, прес центар и уште многу други пропратни работи. – изјави градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

На почетокот од овој проект многу работи зависат од Општината Охрид, која има задача што побрзо да ги заврши и комплетира потребните документи прес отпочнувањето на изградбата на источната трибина. Потоа ФФМ ја презема целата одговорност околу фирмата изведувач и изградбата.

Општина Охрид како партнер на ФФМ треба да ги обезбеди потребните документи за почеток на изградабата. Планираме до мај месец следната година да ја завршиме правната процедура и на ФФМ да и обезбедиме чист терен за работа. ФФМ си распишува тендер го бира изведувачот кој ќе треба да ја изгради трибината. Од оваа гледна точка ако се оди според планот, стадионот во Охрид нова трибина ќе добие на почетокот фудбалската сезона 2020/2021. – истакна Стојаноски.

 

Современата трибина стадионот во Охрид ќе го сврсти во втора категорија, со што ќе може да организира меѓународни натпреварувања во фудбал во младинска категорија и атлетика и претквалификациски мечеви од сениорскиот фудбал.

Бенефит од источната трибина ќе имаат градот, фудбалскиот клуб „Охрид Лихнидос“ и атлетскиот клуб „Охрид“, но и јавното претпријатие „Билјанини Извори“ кое стопанисува со спортскиот центар. Фудбалскиот клуб „Охрид Лихнидос“ кој е на прагот на влез во Втората лига ќе игра на современ стадион со многу подобри услови, атлетскиот клуб „Охрид“ исто така ќе има современи услови за тренинг и организирање на манифестации од секаков карактер. Тогаш ќе седнеме на маса со хотелиерите и ќе разговараме за развој на уште подобар спортски туризам, бидејќи Охрид со новата трибина на градскиот стадион ќе нуди многу подобри услови. – потенцираше градоначалникот Стојаноски.

Општина Охрид во изградбата на трибината ќе учествува со 20% од целокупната цена на чинење, која се проценува на 800 000 до 1 100 000 евра. Изградбата на трибина на стадионот во Охрид ќе биде под постојан надзор од УЕФА, а ако заврши успешно фудбалскиот стадион може да добие уште три трибини и стадион од светски рамки.

Со средувањето на дозволите за градба, тестирањето на местото од сеизмолозите и другите пропратни  работи ние ќе стигнеме до вредноста од 20% со која треба да учествуваме во изградбата. Општина Охрид мора и може да се покаже како добар партнер. УЕФА константно ќе го надгледува извршувањето на градежните работи и позитивната оценка може многу да значи за понатаму. Тогаш ќе можеме да аплицираме за нова и побогата донација со која ќе направиме целиот стадион. – објасни Стојаноски.

Градоначалникот на Охрид имаше работна средба со првиот човек на ФФМ Муамед Сејдини и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу. Сејдини изјави дека соработката помеѓу локалната самоуправа и федерацијата мора да се продлабочи и дека постои заеднички интерес кога е во прашање понатамошниот развој на спортската инфраструктура.

Во Фудбалската федерација размислуваме позитивно и контструктивно. Затоа овие проекти се насочени кон тоа да ја подобриме не само инфраструктурата на стадионите, туку и да го унапредиме нашиот однос со општините во државата сѐ со цел во иднина да соработуваме и за многу поголеми проекти. Мораме да сфатиме дека инфраструктурата е тоа што ќе остане, верувам дека таквиот начин на размислување и делување во вистинска смисла го сфаќаат сите кои се вклучени во оваа работа. Им благодарам на двајцата градоначалници за довербата и се надевам дека нашиот однос само ќе го унапредуваме. – изјави в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Охридскиот стадион кој е во склоп на Спортско рекреативен центар „Билјанини Извори“ изграден е 1978 година, а позитивниот одговор на УЕФА се поклопи со 40-годишниот јубилеј. Во изградбата на стадионот учествуваа Општина Охрид, СИЗОФ (Самоуправна интересна заедница за физичка култура) и Југословенскта народна армија (ЈНА), која во Охрид во 1978 година организираше сеармиско првенство во сите спортови. На стадионот 1982 година на подготовки дојде фудбалската репрезентацијата на Југославија пред настапот на Светското првенство во Шпанија. Тогаш на СРЦ „Билјанини извори“ беа инсталирани нови рефлектори и беше подобрена инфраструктурата. Тренинзите на Пантелиќ, Пижон, Вујовиќ, Гудељ, Сушиќ, Шестиќ и компанија во Охрид ги следеа илјадници поклоници на фудбалот од регионот. Иако „југословените“ важеа за силни фаворити, бидејќи во квалификациската група завршија први, со бод предност пред Италија, не се прославија на мундијалот, завршувајќи го настапот уште во групата во која уште играа домаќинот Шпанија, С. Ирска и Хондурас, за разлика од „азурите“ кои предводени од Паоло Роси стигнаа до шампионската титула. После осамостојувањето Охрид беше база за подготовки на македонската фудбалска репрезентација, како и место за подготовки на бројни клубови од земјата и странство. Со изградбата на новата трибина Охрид со сигурност ќе добие на атрактивност, што ќе биде и адут повеќе за развој на спортскиот туризам.

Стадионот „Билјанини извори“ од историски аспект е важен и за навивањето во Охрид. Во сезоната 1987/88 година „Blue Ohrid Army“ ја започна навивачката приказна во Охрид, а во 1989 година плаво белата армија се преточи во навивачката група „Рибари“ која денес е една од најактивните, најбројните и најдобрите во земјата.

Стадионот „Билјанини извори“ е дом на ФК Охрид и АК Охрид.

Рекордна посетеност на спортски натпревар стадионот „Билјанини извори“ имаше во 1992 година на Езерското дерби помеѓу тогашните второлигаши Охрид и Караорман (2:2), кое го проследија околу 10.000 гледачи.

Михаил Постоловски