Се држи под контрола пожарот на Галичица и се следи ситуацијата која е подобра во споредба со вчерашниот ден, информираат од ЈУНП „Галичица“. Посочуваат дека на терен од утрово се 100-тина лица од службите и доброволци.

Во моментов најкритично е на западната страна, тој дел што се гледа од Љубаништа. Но, таму има голем број на волонтери и персонал од надлежните служби, над 40-тина лица, Околу 30-40 лица има поставено и на северниот фронт каде се постапува со правење на појаси, се внимава нешто да не се запали на крајот. Од ресенската страна денес е појавен нов пожар во Албанија, но истиот во моментов е доста во далеку од нас, посочуваат.

А, во текот на вчерашниот и денешниот ден и хуманоста и солидароста на граѓаните се покажа на дело. Имено, по повикот од ОО Црвен крст Охрид за донирање на производи кои се потребни за сите лица вклучени во гасење на пожарот на терен, бројни донации пристигнаа кои веќе се доставуваат од страна на тимовите на ОО Црвен крст Охрид од логистика и медицинските тимови.

Доста производи се собрани кои денес, утре и следните денови кога ќе биде потребно ќе се дистрибуираат. Постојано сме во комуникација со тимовите кои се на терен и согласно нивните потреби ќе бидат доставувани истите. Сите кои се во можност да донираат можат тоа да го направат во просториите на ОО Црвен крст Охрид денес до 15 часот, утре од 9-12 часот и задутре, исто така, од 9-12 часот. Ќе имаме дежурни служби кои ќе ги примаат донациите, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Посочува дека потребно е да се донира конзервирана храна – месни нарезоци, паштети, сардини, вакумирано сувомеснато, вода 0,5l, пијалок газиран, негазиран, бар житарици овошни – Витанова.

Изразуваме неизмерна благодарност до сите, благодарност и од името на сите кои се на терен. Ситуацијата е подобра на терен, не е се завршено, но е подобро и екипите на терен се почнати со активности. Амбулантното возило со екипа е присутно и денес, додава Точков.

Во пожарот на Галичица кој избувна пред дванаесет дена зафатена е нискостеблеста вегетација и букова шума. Во текот на вчерашниот ден дејствуваа еден хеликоптер на МВР и ер трактори, а очекувањата се поддршката од воздух да продолжи и наредните денови.

Н.С.Ј.