Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници смета дека е потребен посебен пакет мерки кој ќе се однесува на ова професија, со образложение дека новинарите и медиумските работници се една од главните алки во борбата против ширењето на коронавирусот и извршуваат работа од јавен интерес.
ССНМ се повикува и на изјавите на претставниците на власта кои се однесуваа на значајната улога на новинарите и медиумските работници во борбата со пандемијата,како и на повикот на Европската федерација на новинари до “националните влади, Европската Комисија и Европскиот Парламент за брза, таргетирана и координирана акција за поддршка на сите медиумски работници – вработени, слободни новинари и самовработени – како одговор на разурнувачкиот социјален и економски удар од глобалната криза со Ковид-19 во медиумскиот сектор“.
Ковид-19 нанесе тежок удар на медиумските слободи во целиот свет. Во оваа пандемија граѓаните имаат потреба од професионални, економски обезбедени новинари повеќе од кога и да е. – посочив ССНМ.
ССНМ ги поздравува досегашните мерки преземени од владата за помош на медиумите, но смета дека тие не се довилни затоа што голем број на новинари и медиумски работници се соочија со намалување на платите, а некои и со отпуштање од работа.
Сметаме дека крајната цел на финансиската помош треба да бидат новинарите и медиумските работници . Нашето барање за финансиска помош за вработените во медиумите се заснова на начелото дека само социјално и економски обезбедени вработени во медиумите може и професионално да ја вршат својата задача – навремено, точно и објективно да ја информираат јавноста . Затоа, оваа помош за медиумите поради кризата со Ковид-19 треба да гарантира дека ќе им биде од помош директно на вработените. – велат од ССНМ.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници бара ослободувањето од 100% од придонесите за вработените во медиумите кои не отпуштиле ниту еден вработен во текот на кризата, освен со спогодбен прекин на работниот однос, заминување во пензија или со други одредби од ЗРО. Според синдикатот мерката треба да важи и за медиумите кои им ги намалиле платите на новинарите и медиумските работници, но само доколку се обврзат ваквото ослободување да го искористат за да им ги вратат скратените средства на своите вработени . Враќањето на средствата се одвива паралелно со спроведувањето на мерката.
Со цел кревање на свеста за борбата против лажните вести, односно важноста на професионалното новинарство оваа мерка да не важи за медиумите на кои надлежен суд со правосилна пресуда одредил дека го прекршиле Кривичниот Закон од Главата против здравјето на луѓето, поточно Член 205, ставови 5, 6 и 7. – предлага ССНМ.
OhridNews