Од Сојузот на синдикати на Македонија денес изјавија дека во целост ги поддржуваат препораките на Владата за топлотниот бран што ја зафати земјата и апелираат до работодавачите да ги почитуваат.

– Посебен апел упатуваме до работодавачите од градежната индустрија каде работниците се најмногу изложени на временските непогоди. Потребно е градежните работници да бидат ослободени од работните обврски во периодот од 11 до 16 чсот, кога температурите се највисоки и УВ-зраците се најштетни, наведуваат од ССМ. 

Тие напоменуваат дека работодавачите се должни постојано да преземаат мерки за заштита на безбедноста и здравјето при работа на вработените, согласно законската регулатива и да ја предвидат секоја околност или состојба која може да го загрози или оштети нивното здравје.

– Во овој случај, високите температури претставуваат штетни фактори во работната околина кои можат да предизвикаат негативни последици врз здравјето на изложените работници, велат од ССМ, кои повикаа на поголема мобилност и ажурност на Трудовиот инспекторат за почитување на Законот за безбедност и здравје при работа од страна на работодавачите.

OhridNews