Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека е потребно да се дефинираат позициите на социјалните партнери за да се заштитат правата на работниците кои, според ССМ,  најмногу ја чувствуваат економската криза. Синдикатот најави дека на првата седница на  Економско-социјалниот совет што треба да се конституира за дваесетина дена, ќе предложи пакет мерки за надминување на последиците од економската криза, како и дека ќе иницира потпишување на Меморандум кој ќе ги прецизира правата и обврските на социјалните партнери.

-Не смееме да дозволиме и покрај сите проблеми кои ги имаме и околу името и околу позиционирањето на државата работниците да станат колатерална штета од социјален и политички аспект.- рече Живко Митрески, в.д. лидер на ССМ.


Живко Митрески

Мерки за надминување на кризата најавуваат и работодавачите. Тие предупредуваат дека слабата економија не може повеќе да ја финансира гломазната администрација. Организацијата на работодавачи очекува Владата да покаже  одговорност и да ги прифати предлозите за надминување на последиците од економската криза, што според работодавачите, допрва уште посилно ќе се чувствуваат.

Марк Левин-директор на Меѓународната организација на труд за ЈИЕ, смета дека Македонија го подобрува социјалниот дијалог, но изрази загриженост за високата стапка на невработеност во земјата, која како што истакна е највисока во Европа. „Социјалните партнери треба да работат на подобрување на состојбата“, додаде Левин.


Според министерот за труд и социјални работи, Џељаљ Бајрами, податоците на Државниот завод за статистика не ја отсликуваат реалната состојба со невработеноста, затоа што голем број од евидентираните невработени “работат“ во таканаречената сива економија.

-Сивата економија е проблем со кој мора да се соочиме сериозно затоа што и покрај високите казни и измени во законот, инспекторите за труд при контролите секојдневно откриваат непријавени работници.-подвлече Бајрами. Тој истакна дека за овој проблем ќе се разговара со социјалните партнери во Економско-социјалниот совет и дека сериозно ќе бидат земени предвид предлог антикризните мерки на Синдикатот и Организацијата на работодавачите.


Министерството за труд и социјала во Охрид е домаќин на дводневната конференција за „Улогата на Економскско-социјалните совети во надминување на економската криза“,  на која учествуваат претставници на влади, работодавачи и синдикати од единаесет земји од регионот.

Г.М.