Исплатата на регресот за годишен одмор во приватниот сектор е воспоставена со општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и истата е задолжителна за работниците и работодавачите од приватниот сектор, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Основицата за пресметување на надоместоците на работниците преставува просечната месечна нето плата по работник исплатена во последните три месеци. Согласно член 35 од ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството регресот за годишен одмор се исплатува во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. Со колективен договор на ниво на дејност, или колективен договор на ниво на работодавач може да се утврди регрес за годишен одмор во поголем износ од износот утврден со овој колективен договор.

Регресот за годишен одмор е право воспоставено по пат на дијалог помеѓу претставниците на работниците во конкретниот случај Сојузот на синдикатите на Македонија и од претставниците на работодавачите– ОРМ и со оглед на тоа што се работи за право уредено спогодбено со потпишување на колективен договор, очекувано е работодавачите целосно да ја исполнат обврската која доброволно ја презеле, велат од ССМ. 

Регресот за годишен одмор се исплатува еднаш во текот на годината, а износот се утврдува според основицата која важи на денот на донесувањето на одлуката за исплата.
Сојузот на синдикатите на Македонија во јули годинава до Владата достави предлог Општ колективен договор за јавниот сектор во кој покрај другото предложи и  Регрес за годишен одмор во висина од 30% до 100% од основицата за сите вработени во јавниот сектор.

Апелираме до работодавачите во приватниот и во јавниот сектор каде што ова работничко право е уредено со колективен договор да го исполнат истото во најскоро време имајки во предвид дека нема никакви законски ограничувања и истото претставува уредено право согласно со Закон и Колективен договор и претставува редовна исплата.На работниците на кои нема да им биде исплатен регресот за годишен одмор им укажуваме дека можат да побараат интервенција преку новата мобилна апликација ССМ – мои работнички права, додаваат од ССМ. 

За работодавачите кои не исплаќаат регрес за годишен одмор или бараат од работниците да ги вратат исплатените средства по овој основ , Кривичниот закон предвидува затворската казна до 1 година, потсетуваат од Сојузот на синдикати на Македонија.

 

OhridNews