Една година од големиот работнички протест, 2 од 3 барања се исполнети велат од Сојузот на синдикатите на Македонија, напоменувајќи го протестот на 12.12.2021 година каде биле изнесени три главни барања и тоа недела да биде неработен ден, минималната плата да се зголеми на 18.000 денари и да се потпише Општиот колективен договор за јавен сектор.

На студеното и дождливо време, големиот број на работници упатија сериозна порака и работничките барања ги изнесоа пред Собранието, Стопанската комора, Организацијата на работодавачи на Македонија и Владата. Иако за жал протестот не беше поддржан од другите синдикати, ССМ заедно со работниците се изборија од јануари 2022 година недела да стане неработен ден за 92% од работниците и минималната плата да се зголеми на 18.000 денари од март 2022 година со што беа исполнети две од трите работнички барања, велат од ССМ.

За жал, додаваат, изминатава година, Владата се уште одбива да го потпише Општиот колективен договор за јавен сектор каде што требаше да биде утврден регресот за годишен одмор или актуелниот К-15 за сите работници во јавен сектор, иако истиот не е спорен и одредбите се усогласени помеѓу социјалните партнери.

За исполнување на ова барање, како и да се уврди дали ветувањата на Владините министри се само една голема лага, остануваат уште дваесетина денови до крајот на годината. Сојузот на синдикатите на Македонија по завршување на рокот, ќе биде принуден да побара одговорност и оставки од министрите кои јасно и гласно кажуваа дека нов Општ колективен договор за јавен сектор ќе има и дека истиот ќе биде потпишан до крајот на оваа година, а за новата методологија за усогласување односно пораст на сите плати со порастот на минималната плата, која методологија требаше да важи од 1 јануари 2023 година, а нема ниту ,,М” од истата!, потенцираат.

Работничката сила е во нејзината бројност организирана во Сојузот на синдикатите на Македонија за заедничка борба против неправдата нанесена од работодавачите, локалната и централната власт, додаваат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

OhridNews