Се остава простор за произволно толкување на одлуките кое е потребно Владата недвосмислено да го појасни на пошироката јавност, како тоа дали мерките важат и за влез на лицата вработени во угостителските објекти, моловите и сите други објекти кои се опфатени со забраната, доколку не поседуваат сертификат за вакцинација или потврда за поминати 45 дена од прележан Ковид-19, истакнува Александра Андреева, член на Управен одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија.
Во овој момент во пракса се случува при инспекциски надзор да се бара потврда за вакцинација за сите лица во објект, не правејќи разлика меѓу вработени и посетители со што постои потенцијална можност за ограничување на правата на личен избор на лицата вработени дали да се вакцинираат, за што се бара прецизирање и јасно објаснување дали влезот во објект е слободен за секој кој поседува доказ за имунизација или од ова се исклучок лицата во работен однос во овие објекти. Недореченоста на мерките од страна на владата во незавидна положба ги става и работодавачите кои не знаат дали и како треба да постапуваат, вели Андреева.
Воедно, иако за лицата до 18 години не е истакната одредба со која се бара да приложат потврда за влез во објектите каде постои забрана, сепак во пракса многу случаи се регистрира појава да не им е дозволено да влезат со објаснување од редарската служба дека “изгледаат” повозрасни отколку што реално се, што немаат начин како да го докажат. Исто така нејасно е и дали лицата до 18 години влегуваат во вкупната бројка од 30 лица која се дава како услов за воведување на дополнителни мерки.
Повторно останува дилемата и прашањето врз основ на кои овластувања редарската служба го црпи правото за легитимација и контрола на граѓаните. Воедно поради овие дилеми се отвора простор за самоволно толкување и спроведување санкции од страна на институциите, дополнително обременето од новите појави на тргување со потврди за вакцинација за кои објектите немаат начин да ја утврдат нивната веродостојност имено поради целосната неспроведливост и нелогичност на донесените мерки, додава Андреева.
Од Сојузот на стопански комори на Македонија велат дека се за воспоставување систем на заштита, но со мерки кои се логични и недискриминаторски, со кои не само про-форма, туку навистина ќе се постигне заштита на сите граѓани.
OhridNews