Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и институтот „Prime Point Partners“ потпишаа Договор за стратешка соработка со цел обезбедување на поддршка на реалниот сектор за имплементација на Глобалните целите за одржлив развој на ООН (Sustainable Development Goals – SDGs) и ESG стандардите кои се однесуваат на еколошките, социјалните и управувачките аспекти на корпоративниот менаџмент и раст.
Договорот, што го потпишаа претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски и претседателот на „Prime Point Partners“ и „Prime Blue ESG“, Зоран Мартиновски, предвидува со реализација на заеднички мерки и активности да се работи на презентирање на предностите за компаниите од воведувањето на практики за добро еколошко, општествено и корпоративно управување во своето работење, како и можностите за нивно поголемо насочување кон одржливи концепти за раст и развој на бизнисите, со посебен фокус на малите и средните претпријатија.
Оваа заедничка иницијатива ќе има за цел да ја подигне свеста за важноста на Глобалните цели за одржлив развој на ООН, да ја зајакне културата на одржливост, да ги зајакне капацитетите на компаниите и да го олесни пристапот до зелените фондови за финансирање за малите и средните претпријатија. Тоа ќе вклучува серија настани и обуки поврзани со SDGs и ESG теми, вклучувајќи управување со ризик, правна регулатива, транспарентност, климатски промени, родови прашања, а ќе се насочиме и кон институционално и одржливо зајакнување на капацитетите на Сојузот со цел обезбедување на подобра поддршка за неговите членови, истакна Ангелоски.
Програмата ќе биде организирана како дел од пошироката ESG иницијатива имплементирана од Prime Blue ESG Institute, гранката за развој на одржливост на PrimePoint Partners.
Усвојувањето на здрави ESG практики од страна на локалниот приватен сектор ќе биде од суштинско значење за поттикнување на одржливиот долгорочен раст, обезбедување на издржливост на локалниот приватен сектор и имплементација на Глобалните цели за одржлив развој на ОН во Северна Македонија, рече Мартиновски.
Глобалните цели за одржлив развој се универзален повик за акција, за ставање крај на сиромаштијата, заштита на планетата и обезбедување на мир и просперитет, а како приоритети се адресираат и климатските промени, економската нееднаквост, иновациите, одржливата потрошувачка, право и правда.
Овие цели, како што велат од ССК, треба да бидат постигнати до 2030 година и треба да бидат имплементирани од страна на сите земји – членки на ООН. ESG стандардите, пак, покажуваат колку добро една компанија функционира во однос на нејзините социјални и еколошки одговорности низ нејзиниот синџир на снабдување и операции – наспроти гледањето на поширокиот контекст на човековите права.
OhridNews