Официјалниот став на Сојузот на стопански комори, усвоен на редовната седница на Управниот одбор, е дека курсот на денарот не треба да се дискутира во постоечките услови на економија.
– Курсот треба да биде стабилен со цел да не дојде до враќање кон стариот економски систем како пред 20 години кога каматите изнесуваа до 22 отсто на годишно ниво, велат од ССК.
Одтаму потсетуваат дека малите и средни претпријатија се двигател на економскиот раст во Европската унија и цел за стимулирање и развој во програмите на ЕУ.
– Во услови на пост економска криза и бранувања, како и влошени економски случувања кај дел од соседните земји, секоја нестабилност на денарот е тотално непотребна. Нестабилен курс на денарот би значело гушење на малите и средни претпријатија и базирање на економски модел од неколку фирми што е спротивно на Стратегијата за пристапување кон ЕУ и Стратегија за развој, претприемачки дух и конкурентност, потенцираат од ССК.