Срцев удар е причината за смртта на 46 годишниот Гоце И. од кратовското село Живалево, кој синоќа беше пронајден мртов во водите на Охридското Езеро кај Горица, информираат од Црвениот крст. Обучените спасители на оваа организација го пронашле беживотното тело на несреќниот капач кој бил пријавен за исчезмат од страна на негови роднини.
-Екипа од пет спасители во вода и чамец со уште четворица спасители веднаш започнаа со потрага на локацијата која беше посочена, која инаку е дива плажа. По дваесеттина минути беше пронајдено телото по што беше повикана итна медицинска помош, полиција и јавен обвинител. Од она што можевме да го констатираме при извлекувањето е дека во градите на починатиот немаше вода, а лицето му беше помодрено што не наведе на тоа што го потврди и службата на итната медицинска помош дека се работи за смрт од срцев удар. -изјави Сашо Точков од Црвениот крст Охрид.
Во месец јули спасувачките тимови на Црвениот крст на охридско – струшкото крајбрежје имале 14 интервенции за спасување давеници и 200 укажувања на прва помош.
И покрај очигледната потреба, осум плажи на охридската ривиера и девет на струшката се уште немаат ангажирано спасители на вода.
Г.М.