Пожарот на планината Галичица, во високите предели на Националниот парк, беснее веќе шести ден. Во текот на денот од подножјето можеше да се забележи како густ чад се издига кон врвот на планината.

Очевидци кои денеска се искачиле на врвот Магаро, велат дека состојбата е загрижувачка. Ветрот кој дува со променлив правец го шири огнот опасно кон шумскиот појас над селото Љубаништа и кон Преспа.

Галичица гори и вечерва. На сртот на Македонско-албанската граница се издигаат пламени јазици. Голем сојузник на огнот и вечерва е ветрот.

На Галичица гори сува трева и нискостеблеста вегетација. Пожарот е на непристапен терен каде има неексплодирани убојни средства од Балканските и Првата светска војна.

Одговорните институции засега, се уште само ја набљудуваат ситуацијата. Млубројна екипа од Националниот парк деновиве пеш се искачи до местото на пожарот во обид да се справи со ситуацијата, но без успех, бидејќи огнот бил пресилен и непредвидливо го менувал правецот под влијание на ветрот.

Засега изостанува и интервенција од воздух, иако се вршеа одредени проценки. Во текот на утрешниот ден, како и во понеделник се очекуваат врнежи од дожд, кој треба да помогне ситуацијата со пожарот на Галичица да биде ставена под целосна контрола.

Г.М.