Филипинските доктори во болницата „Макати Медикал Центар“ во Манила втор пат го оперираа синоќа српскиот кошаркарски репрезентативец Бориша Симаниќ и му отстранија бубрег по повредата која ја здоби на натпреварот против Јужен Судан на Светското првенство кое се одржува на азискиот континент.
Информацијата денеска ја објави Кошаркарската федерација на Србија, пренесувајќи изјава на шефот на лекарскиот тим на српската репрезентација Драган Радовановиќ.
Поради појава на компликации на повредениот бубрег, кои настанаа во постоперативниот тек, Бориша Симаниќ повторно беше опериран на 3 септември. Поради промена во виталното ткиво на бубрегот, со оперативен зафат мораше да биде отстранет целиот бубрег. Очекуваме и посакуваме по овој оперативен зафат постоперативниот тек да мине уредно, соопшти Радовановиќ.
Симаниќ доби тежок удар на натпреварот против Јужен Судан по што беше опериран во болницата во Манила во обид да биде спасен повредениот бубрег.
Српските медиуми објавија дека здравствената состојба на Симаниќ дополнително се влошила во текот на ноќта поради што му била извршена и втора операција и му бил изваден повредениот орган.
Кошаркарот на Јужен Судан, Нуни Омот, кој го повреди Симаниќ, упати јавно извинување, нагласувајќи дека немал намера да го повреди српскиот репрезентативец.
OhridNews