Амбасадорот на Србија во НАТО , Бранислав Милинковиќ се самоубил бидејќи неодамна дознал дека боледува од тешка болест, изјави за српски Телеграф неговата сопруга, Сања Милинковиќ.
Српскиот дипломат за болеста дознал неколку дена пред самоубиството и велел дека не сака да живее живот кој е недостоен за човек.
„Еден викенд на почетокот на декември го поминавме заедно. За жал, не беше ни приближно забавен и весел како претходно. Ненадејната и тешка болест која лекарите ја констатирале кај Бранко, беше главна тема на разговор меѓу нас. Бидејќи му предвидуваа долгорочно и мачно лекување со неизвесен исход, Бранко не можеше да се помири со тоа остатокот од животот да го помине, како што рече, во состојба недостојна за човек“ изјавила дипломатската претставничка на Србија при ОБСЕ во Виена.
Шокирана од веста која и ја соопштил сопругот, Сања се обидела да му помогне така што ќе се информира за алтернативни начини на лекување.
Меѓутоа, неколку дена пред почетокот на лечењето, Бранислав се откажал.
„Се договоривме да ги искористи претстојните празници и намалувањето на работата во НАТО во текот на божикните празници за да одиме во Белград. Во понеделник, на разделбата ми вети дека ќе дојде во Виена за една недела и дека ако треба ќе отвори боледување. Бев охрабрена и потполно уверена дека тоа е уште една пречка во нашиот живот која како и сите останати заедно ќе ги пребродиме и совладаме. Тоа утро мораше да се врати во Брисел за посетата на високите претставници на Србија во Брисел“, изјавила вдовицата на амбасадорот.
Неа тажната вест ја затекна во Даблин, на министерска конференција на ОБСЕ.
„И покрај страшниот шок, за момент сфатив дека во тој момент го совладал стравот за којшто ми зборуваше претходните денови, дека поради исцрпеност нема да може да биде во состојба да одговори на високите барања на професијата и положбата на која се наоѓа. Моите уверувања во спротивното, очигледно не помогнаа“ додава Сања.
Амбасадорот на Србија во НАТО Бранислав Милинковиќ во вторник вечер се самоуби на главниот меѓународен аеродром во Брисел, скокајќи од паркингот пред очите на Зоран Вујиќ, заменик министер за надворешни работи на Србија. Милинковиќ зад себе остави шестгодишен син.
Пред да биде именуван за амбасадор на Србија во НАТО, Бранислав Милинковиќ во Виена бил амбасадор на Србија и Црна Гора при Организацијата за европска безбедност и соработка(ОЕБС), а потоа специјален амбасадор во седиштето на НАТО.
извор:„Макфакс“