Познатиот српски актер Милорад Мандиќ Манда (55) почина вчера попладне на сцената среде премиерата на детската претстава „Петар Пан“ во културниот центар „Вук Караџиќ“, објавија српските медиуми.

-Претставата почна нормално и се беше во ред првите 15 минути, а потоа на сцена излезе Манда во улогата на капетан Кук и само одеднаш падна на подот. Мислевме дека тоа е дел од претставата, а потоа се запалија светлата и сфативме дека нешто не е во ред, изјавил жена која со своите деца била на премиерата.

Според медиумските написи Манда бил од оние актери кои колегите го сакале и го почитувале подеднакво како и неговите обожаватели. Со својата харизма и позитивна енергија секој момент собирал се поголема армија на фанови. Својата големина и благородност неодамна ја докажал со одлуката да ги подари своите органи по смртта.

Во едно интервју за српските медиуми изјавил дека тоа нешто најголемо што човек може да го направи.

-Тоа е карактеристика на сите луѓе кои имаат големо срце и на тој начин им помагаат на другите и на некој да му го продолжат животот. Има и такви луѓе кои кога станува збор за оваа тема се оправдуваат со својата неинформираност, а некои и навистина се неинформирани, изјавил Манда во една прилика.

Милорад Мандиќ Манда е роден на 3-ти мај 1961 година во Белград. Дипломирал глума на факултетот за драмски уметности во класата на професорот Владимир Јефтовиќ. По дипломирањето станал член на белградскиот детски театар „Бошко Буха“. Во 1989 година снимил повеќе од 270 епизоди од емисијата „Бајка за лека ноќ“ која се емитувала на националната телевизија.

Од 1989 до 1995 година ја водел емисијата за деца „Од онаа страна на виножитото“ што покрај Бранко Коцкица го направи еден од најпопуларните детски актери и забавувачи на овие простори. Од 1995 година ја водел емисијата „Повеќе од игра“ на тв Пинк. Има играно во бројни српски филмови меѓу кои „Како пропадна рокенролот“, „Рани“, „Војна во живо“, „Грабеж на Третиот рајх“, „Ние не сме ангели“, како и во сериите „Јесен стиже дуњо моја“, „Ивкова слава“ , „Ќе се вратат штрковите“, „Будва на пената на морето“ и многу други. Најзапазена улога му е во филмот на Срѓан Драгојевиќ „Убавите села, убаво горат“. Бил водител и на квизовите„Земи или остави“  и „Јас ја сакам Србија“.

OhridNews