Српски полицајци ќе патролираат во Охрид во текот на месец август. Ова беше договрено на денешната средба во Белград меѓу министрите за внатрешни работи на С. Македонија и Србија, Панче Тошковски и Ивица Дачиќ.

Како што беше соопштено целта е заеднички да се помогне во спроведувањето на редот и мирот за време на летната сезона кога во Охрид има поголем број туристи, меѓу кои и српски.

Денес разговаравме дека ни е во взаемен интерес, а за тоа и се договоривме, веќе во август да почнеме една пракса, еден број на наши полицајци, а секако тоа може да биде случај и овде кај нас, да биде присутен во текот на туристичката сезона на оние места каде има повеќе наши, српски туристи, а тоа е Охридското Езеро. Се договоривме четворица полицајци да одат во Охрид. Ваков тип на соработка веќе имаме со Хрватска и со Црна Гора, сакавме и со Босна и Херцеговина, а денеска се договоривме тоа да го правиме и со Северна Македонија, рече Дачиќ.

Министерот Тошковски посочи дека круцијална е можноста преку заедничка соработка да се делува против криминалните групи, нелегална миграција, а во фокус на разговорите било и подобрување на соработката во делот на граничните премини.

Разговаравме и за тоа од Р. Србија во Македонија да упатиме четворица полициски службеници коишто ќе може да делуваат во рамки на подрачјето на градот Охрид, рече Тошковски.

Истакна дека се разговарало и за делот поврзан со обуки и соработка на двата центри за обуки со цел размена на искуствата и знаењата.

Н.С.Ј.