Во присуство на бројни гости, членови на Здружението на Србите од Охрид „Коштана“, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, секретарот Александар Китески, почесниот конзул на Република Србија во Охрид Михајло Филев, српската заедница во Охрид денес традиционално со пригодна свеченост го одбележа празникот Свети Сава.

Отец Сашо Ристески од храмот „Свети Никола“ и годинава го изврши црковниот обред и благословувањето на славскиот колач.

По две годишна пауза поради короната, годинава по шеснаесетти пат се одбележува празникот кој е многу значаен за нас, вели Среќко Стојановиќ, претседател на Здружението на Србите од Охрид „Коштана“.

Свети Сава е значаен празник за нас Србите бидејќи е првиот српски архиепископ кој ја основал Српската православна црква. Бил и голем учител и просветител на целиот српски народ. Во Србија се слави повеќе како Ден на образованието, а кај нас во Македонија ние го преземавме како слава на здружението. Се надеваме дека  традицијата ќе ја продолжиме и догодина и ќе бидеме во уште поголем број, рече Стојановиќ.

Оваа година првпат имав чест и задоволство да присуствувам на оваа слава која ја одржува српската заедница во Охрид на чело со здружението „Коштана“, вели почесниот конзул Филев.

Ова е еден голем празник на српската заедница и српскиот народ зошто Свети Сава е основоположник и темел на српската црква. Заедно со двата братски народи, српскиот и македонскиот овозможуваме да имаме една темелна точка која не поврзува во сите наши културни и верски сфери и секогаш ќе бидеме заедно во сите предизвици, додаде Филев.

Инаку, Здружението „Коштана“ брои околу 450 членови, а според последниот попис бројот на Срби во Охрид е околу 580 лица.

Н.С.Ј.