Празникот Сретение е еден од 12-те големи црковни празници, заедно со Рождество, Богојавление, Воскресение, и како и тие, има длабока спасителна смисла.
Реалниот настан врз кој се темели длабоката содржина на овој празник е расказот за Симеон, кој по неговата средба со Бога беше наречен Богопримец. На овој старец преку ангел му било кажано дека нема да умре дури не го види ветениот Помазаник, Месијата. На неговото чекање доаѓа крај 40 дена по раѓањето на Исус Христос.
Според Мојсеевиот закон, во тој ден секое првородено машко дете се носело во Ерусалимскиот храм. На тој ден, во храмот, се случила средбата на Свети Симеон и Богочовекот Исус Христос, и тоа е првата средба лице в лице на човекот со Бога. Длабоката смисла на овој празник се состои токму во таа оттогаш отворена можност за општење со наднебесниот Бог лице в лице.
Сретение меѓу христијаните се празнува уште од самиот почеток, но торжественото празнување на овој чудесен ден е особено востановено во 544 година, во времето на царот Јустинијан.