Некои луѓе за среќата ќе ви речат дека чувство на задоволство и исполнетост со конкретни работи, додека некои ќе речат дека е хемиска реакција во мозокот која нема врска со надворешните фактори.

Едно е сигурно – чувството на среќа и задоволство директно влијае на нашето психичко и физичко здравје, а се поврзува со долговечноста, силен имунолошки систем, квалитетен социјален живот и подобар начин да се избориме со стресот и траумите.

Додека генетиката и надворешните фактори играат голема улога во креирањето на нашето расположение, на тоа дали ќе бидеме среќни и задоволни можеме и сами да влијаеме, со мали но, работи кои живот значат.
Еве неколку совети, како да ја повикате среќата во вашиот живот.

Излезете надвор
Сте забележале ли дека често промената на перспективата влијае на тоа да ги согледате работите од друг агол и да се чувствувате подобро? Доколку се чувствувате лошо, излезете надвор, некаде во природа. Докажано е дека зелените подрачја и природата го стимулираат нашиот мозок одговорен за среќата, со позитивност и емоционална стабилност, Излезете од канцеларија и од дома и потрудете се да фатите што повеќе сонце и витамин Д, што помагаат во борбата против депресијата.

Испотете се
Физичките вежби се одлично решение за бројни проблеми – со вежбање ги симнувате вишокот килограми, се борите против болести, превенирате многу од нив, ја подобрувате енергијата и правите нешто добро за вашето ментално здравје. Со вежбање се лачи ендорфин во мозокот познат како хормон на среќата.

Слушајте музика
Истражувањата покажаа дека слушање омилена музика доведува до преплавување на мозокот со допамин, хемикалија која позитивно влијае на нашите емоции и го зголемува задоволството намалувајќи ја болката. Студијата објавена во публикацијата Journal of Positive Psychology, покажа дека луѓето кои слушаат омилена музика се посреќни и позадоволни од оние кои слушаат каква било музика, или оние кои воопшто не слушаат музика.

Надокнадете го пропуштениот сон
Недоволно сон се поврзува со проблемите со расположението, контролирањето на емоциите и одржување здрави односи со луѓето. Истражувањето кое го објави Американската психолошка асоцијација наведува дека многу луѓе со време насобираат доста „долг“ кога во прашање е спиењето. Додадете 60 до 90 минути сон секоја вечер, со тоа што ќе си легнете порано и ќе видите во колкава мерка може тоа позитивно да влијае врз вас.

Фокусирајте се на луѓето
Место да пратите порака на пријател, јавете се и договорете средба. Доколку се дружите со оние кои ги сакате тоа е одличен начин да ви се подобри расположението. Бројни истражувања потврдија дека пријателствата се важни во одржувањето на личната среќа и доброто расположение. Блиските пријатели ви помагаат да имате место во кое може да се издувате, да изразите и да добиете емоционална поддршка која ви треба.

Направете нешто добро за некого
Можеби делува дека нема смисла, но од состојба на лошо расположение може да излезете со самото тоа што ќе направите добро за некој друг. Мал чин на добрина ќе придонесе да се чувствувате добро.

Запишете ги емоциите
Кога се чувствувате лошо, тажно, луто, многу е тешко да се излезе од таа состојба. Запишете ги тогашните емоции во дневник, или ако ви е тоа бесмислено, тогаш на лист хартија и подоцна искинете го. Звучи театрално, но бројни истражувања покажаа дека овој метод има симболична важност во „ослободувањето“ од негативните емоции и во отстранувањето на црните мисли од главата.

OhridNews
извор: „Макфакс“