Средното општинско стручно училиште „Свети Кирил и Методиј“ за прв пат го прославува истоимениот патронен празник, откако функционира како самостоен правен субјект. Со свечена академија и богата програма во Центарот за култура „Григор Прличев“, синоќа, учениците од ова училиште ги претставија своите креативни потенцијали и музички талент.

Директорката Славица Костоска со свечен говор им се обрати на присутните претставници од локалната самоуправа, професори, интелектуалци, родители и ученици.

„Со голема чест и одговорност го носиме името на словенските просветители и мисионери Кирил и Методиј. Училиштето повеќе од половина век е суштински елемент во системот на средното образование во Охрид и од него произлегле многу кадри од областа на економската и здравствената струка, под друго име, но успесите сепак се нижеле.“- рече Костоска.

Таа порача да се надградува духот и разумот, да се рушат бариерите на непознатото, зашто, како што истакна, „нема граници за осознавањето, да го совладаме создаденото, да создаваме за новите генерации“. -Нека искри огнот на бистриот ум и богатата душа. – додаде таа.

Со извондреден рецитал инспириран од биографијата на словенските просветители и цитати од Библијата, под менторство на професорката Доца Цветкоска, учениците ја импресионираа публиката. Вака гласеше пораката во последниот дел од рециталот:

„Од просветителската дејност на светите Кирил и Методиј, произлегле Климент и Наум кои кнезот Борис Михаил ги испратил на нашите простори каде продолжиле неуморно да го шират христијанството и преку словенската писменост и култура да ги афирмираат идеите од Моравската мисија. Токму во Охрид се заокружува Божјата мисија на Кирил и Методиј со отворањето на Охридскиот духовен и книжевен центар, прв словенски универзитет на Балканот. Со тоа Бог благоволил во Охрид да биде светлина и би светлина.“

На учениците кои оствариле посебни резултати на регионални и државни натревари им беа доделени награди и пофалници.

Свеченоста ја заокружи КУД „Отекс“ со сплетот „Билјана платно белеше“ под менторство на професорот Горан Попоски и точката „Чалгиска“ во изведба на учениците Марина Малезанова и Ангела Настеска со музичка придружба на Мартин Милески и Софија Паскали.

Ивана Чичоска
Фото: „ЗУМ“ – Охрид