Средното стручно образование поатрактивно за упис на идните средношколци, отколку гиманзиското, покажуваат резулатите од првиот уписен рок кој беше спроведен во јуни. Поголем интерес за стручното образование има во Охрид, Струга, но и на ниво на држава.

Според податоците од Секторот за образование при Општина Охрид, најголем број ученици се запишани во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“, по што следи економското училиште, Гимназијата и угостителското.

Број на ученици кои се  запишани по првото и второто пријавување во јунскиот уписен рок во ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ е 217 ученици. Интересот за упис е константен, изминатите 5 години и во Центарот се запишуваат над 200 ученици, тоа се должи на соработката со компаниите Костал, Магна, ОДВ, ЛТХ, ЕВН и други помали компании односно воведувањето на дуалното образование, велат.

Посочуваат дека во августовскиот испитен рок е за упис на ученици кои биле упатени на поправен испит или на испит на година, а Центарот има 20 слободни места.

Во првото и второто пријавување во јунскиот уписен рок во СОСУ „Св.Кирил и Методиј” Охрид се запишаа 108 ученици. Постои голем интерес за средното стручно образование, особено за струките економски техничар-соработка со компании и техничар за е-трговија и дигитален маркетинг. Намалениот број на ученици е резултат на трендот на иселување. Споредбено со минатите години имаме благо намалување на бројот на ученици, додаваат.

Останува, велат, и августовскиот уписен рок кој ќе се реализира на 21 август и очекувањата е да се пополнат преостанатите слободни места.

Број на ученици кои се  запишани по првото и второто пријавување во јунскиот уписен рок во ОСУ „Св.Климент Охридски“ е 108 ученици. Оваа бројка е за 20 ученици поголема од минатата година. Намалениот број на ученици во текот на изминатите години е резултат на трендот на иселување и поголемиот интерес на учениците за уписи во стручните училишта. Се очекува зголемување на бројот на запишани ученици во августовскиот уписен рок, велат.

Од Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ информираат дека во првиот упписен рок се пријавени 63 ученици.

Најголем интерес има за профилот готвач, кое е тригодишно образование. Споредбено со минатите години во овој период е благо зголемен бројот на запишани ученици и се должи на поголемиот интерес во угостителско-туристичката струка. Остануваат уште 87 слободни места за августовскиот уписен рок, посочуваат.

Расте интересот за стручно образование во Струга

Интересот за стручно образование во струшките средни училишта секоја година е се поголем, вели директорката на средното општинско училиште „Нико Нестор“, Кети Јанкоска.

На осумте струки на македонски јазик се запишале 140 ученици, а на девет струки на албански јазик биле примени 143 ученици. Најголем интерес има за архитектонски техничар на македонски јазик и хемиски лабoраториски техничар на албански јазик, истакна Јанкоска.

Карактеристично, според директорката, е што во ова училиште одлично функционираат три дуални паралелки.

Резултатите од дуалното образование се одлични. Имаме добра соработката со компаниите во Струга каде учениците преку практична настава учат и се надградуват, вели Јанкоска, додавајќи дека годинава завршува првата генерација прехранбен техничар дуална паралелка.

Во Државното средно музичко училиште „Тодор Скалоски – Тетоец“ во првиот уписен рок, како што информира раководителот Димитри Кумбароски, се пријавиле 15 ученици.

Годинава имаме пет ученици повеќе од лани и местата се пополнети. Ние сме дисперзирана паралелка, односно заедно со паралелката во Тетово треба да имаме вкупно 28 ученици, така што бројката е исполнета. Уште неколку места се останати само во теоретскиот оддел. Ова се податоци за македонската паралелка, а за албанската е пријавен само еден ученик, изјави Кумбароски.

Во гимназијата „Ибрахим Темо“, пак, како што посочи директорката Бесиме Јонузи, се запишале 117 ученици. Kако што појасни, споредено со лани, бројот е намален за 53 ученици.

Смета дека намалениот број на пријавени ученици се должи на фактот дека деветтолетка годинава завршиле 480 ученици, што е за 50 до 60 помалку од минатата.

Во првиот уписен рок се пријавија 36 ученици од македонска националност, 69 од албанска и 12 од турска. Минатата година во нашата гимназија се запишаа околу 170 ученици, но генерацијата што сега заврши деветто одделение брои помалку ученици, па затоа има разлика во бројките, истакна Јонузи.

Две третини од идните средношколци на ниво на држава запишани во стручните училишта

Во првиот уписен рок за учебната 2024-2025 година соодност на запишани ученици е околу две третини, наспроти една третина, односно 73,8 отсто се запишани во стручните училишта, а само 26,2 отсто во гимназиите во земјава.

Во двете пријавувања вкупно се запишаа 15.481 ученици, од кои 11.428 ученици во стручно и 4.652 во гимназиско образование, велат од Министерството за образование и наука.

Анализите и податоците на Центарот за стручно образование и обука покажуваат дека неколку години наназад за учениците примамливо е дуалното образование, со кое е предвидено освен теорија и практична настава во компаниите, образование кое го бара домашниот бизнис сектор, но и европскиот пазар на труд.

Н.С.Ј./МИА