Воведувањето математика како задолжителен предмет во екстерното тестирање и електронското полагање на државната матура, кои треба да стартуваат од оваа година, подолго време ги бранува средношколците.
Тие не се согласуваат со овој предлог на Министерството за образование и наука и перманентно, преку Средношколскиот пленум, преземаат активности за негова нереализација, а во вторникот доставиле и барање до МОН, со кое бараат да не се применува оваа одредба.
“Доставивме барање до Министерството за образование и наука, со кое бараме екстерното тестирање да си остане како што беше до лани, државната матура да не се полага електронски, како и да се смени ефектот од тестирањето кое е воведено за евалуација на професорите и да не се впишува оценката од тестирањето како посебна оценка во свидителството”, изјавија од Средношколскиот пленум.
Оттаму додаваат дека доколку за осум дена, колку што е предвидено со закон, не добијат одговор од Министерството, ќе организираат протести, кои ќе се одвиваат посебно во секој град, но не ја исклучуваат можноста за помасовни протести во Скопје. Протестите, како што велат од Пленумот, нема да бидат за време на наставата за да не се губат часови.
OhridNews
Извор:„Вест“