Околу 1000 учениците македонци од средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибраим Темо“ од Струга, утрово одржаа мирни протести пред објектите на локалната самоуправа и на подрачната единица на Министерството за образование и наука. Тие бараат воведување етнички смени незадоволни од мерките кои се преземаат за елиминирање на инцидентите во струшките средни училишта кои неодамна кулминираа со масовни тепачки помеѓу учениците Македонци и Албанци.
протести на средношколците македонци во Струга
Во двете средни училишта денска на настава дојдоа само учениците албанци. Учениците македонци ги немаше во школските клупи. Тие најавија дека ќе ја бојкотираат наставата се’ додека не се воведат етнички смени во средните училишта, што како мерка за смирување на тензиите беше договорена на средбата помеѓу градоначалникот Рамиз Мерко и раководствата на училиштата.
учениците протестираа пред локалната самоуправа
На таа средба беше договорено етничките смени да започнат најдоцна до денес, но раководствата на училиштата велат дека тоа не може да се направи затоа што не се создадени услови, а не било добиено ниту мислење од Министарството за образование.
средношколците ги алармираа возрасните
Во обид да се изнајде решение градоначалникот Мерко денеска иницираше средба со раководителите на средните училишта и претставници на учениците, а во организација на невладината организација „Аква“ во х. „Дрим“ се одржа јавна трибина на која се дебатираше за мултиетничкиот соживот во Струга.
Г. Момироски