По тринеделен бојкот на наставата предизвикан од масовните меѓуетнички тепачки, учениците Македонци за денеска најавија враќање на настава во средното училиште „Нико Нестор“. Но, тоа тие го условија со воведување посебни јазични смени, на што инсистираат и нивните родители. Тие најавија дека денеска ќе ги придружуваат своите деца во втората смена, за да се уверат дека јазичните смени ќе профункционираат.

На ова се противат родителите на учениците Албанци. Тие сметаат дека родителите нема потреба да доаѓаат на училиште со своите деца и дека наставата во ОСУ „Нико Нестор“ треба да се одвива во мешани смени, како и досега. Тие за проблемите во училиштето го обвинија раководството и наставниците, против кои најавија дека ќе поднесат тужби заради необезбедување нормални услови за настава.

Директорката на училиштето, Маре Савевска, вели дека Училишниот одбор не може да се договори како да се одвива наставата, поради што на сила останува минатогодишната одлука за воведување посебни јазични смени.

Против ваквата поделба е локалната самоуправа, која деновиве беше обвинета од ДПА и ВМРО ДПМНЕ, дека намерно ја предизвикала кризата во училиштето. Градоначалникот Мерко ги отфрли ваквите обвинувања.

Дали и како ќе продолжи наставата во „Нико Нестор“ ќе се види веќе денеска, за кога се најавени интензивни средби на владини и локални политичари со родителите и претставници на училиштето.

Ohridnews