Градоначалникот Никола Бакрачески денес ги прими учениците од ОЕМУЦ „ Св. Наум Охридски“ кои во наредниве две недели ќе бидат на практична обука во Измир- Турција. Со учество во проектот „ Иднината на мехатрониката“ 10 средношколци од ова охридско училиште заедно со учениците од стручните училишта од Гостивар и Кавадарци ќе ги претстават Охрид и Македонија на меѓународен план како и спецификите на нашиот образовeн систем .
– Учениците ќе бидат претставници на нашиот град во Турција. Убеден сум дека со нивниот квалитет , знаење, капацитети и потенцијал ќе го презентираат образованието и образовниот систем на Македонија. Убеден сум дека нашите ученици ќе го прикажат нивото на знаење коешто сите ние го очекуваме од нив и се разбира ќе понесат добри впечатоци од градот Измир во делот на нивното прво искуство во меѓународната соработка. Локалната самоуправа ги поддржува ваквите меѓународни соработки во полето на образованието . Се надевам дека ова училиште и во иднина ќе продолжи со вакви меѓународни активности кои што ќе бидат мотив и други училишта да бидат дел од вакви проекти . Меѓународната соработка е еден од начините за стекнување подобро образование . На тој начин се стекнуваат искуства кои се поразлични од вообичаените во нашиот образовен систем. Новите искуства стекнати во меѓународната соработка во полето на образованието ќе можеме да ги примениме и во нашите средни и основни училишта бидејќи сметаме дека тоа е моделот според кој треба да се развиваат и да комуницираат децата во делот на нивното образование и стекнување нови вештини и научни сознанија, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Проектот „ Иднината на мехатрониката“ е спонзориран од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност во рамки на програмата „ Еразмус плус“ на Европската Комисија за стручно образование.
– Во рамките на овој проект учениците ќе имаат можност да се стекнат со нови знаења, вештини и компетенции од областа на мехатрониката . Децата ќе имаат можност да и ги збогатат и своите јазични вештини бидејќи целата комуникација ќе се одвива на странски јазик. Ова е можност за зацврстување на соработката помеѓу нашето и партнер училиштата во Турција како и можност и за промоција на нашиот град Охрид и Македонија во Турција , истакна директорот на ОМУ „ Св. Наум Охридски“, Јане Цаноски.
Како резултат на добрата соработка се очекува наредната учебна година најмалку 30 ученици од ОЕМУЦ „ Св. Наум Охридски“ да одат на практична настава во партнер училиштето во Измир, а ова охридско училиште преговара и со голема компанија од Гетеборг – Шведска со цел и таму наши ученици да се праќаат на пракса.
OhridNews