Со евоцирање на спомени од средношколските денови, убавите моменти на другарување и меѓусебно помагање, учениците од генерацијата 1964/1965 година од охридското Средно економско училиште прославија 50 години од своето матурирање.

Другарската средба кој се одржа вчеравечер во хотелот „Ривиера“ се организирала со помош на социјалните мрежи но и со помош на контактите и пријателствата кои учениците од оваа генерација ги негуваат до денес.

-Кога почнавме со средното образование во права година бевме околу 120 ученици, а завршивме околу 75 ученици, бидејќи тогаш имаше многу голема селекција и средното образование не беше како денес. Интересно е што во составот на матурантите од нашата генерација имаше ученици од сите националности. Можам да кажам дека бевме успешна генерација и голем дел од матурантите на оваа генерација имаа истакнати кариери како економисти, книговодители, автори на стручни книги, професори, банкари, а имаше и успешни во други професии надвор од економијата, вели Владо Ангеличин Жура, кој е еден од организаторите на оваа матурска средба.

Неговата соученичка Олга Велковска која живее во Скопје и која долги години работела во Министерството за образование вели дека доживувањата од другарството во средношколските денови се еден вреден животен спомен.

-Другарството кое што ние го имавме беше уникатно и е вредно за приказ. Дружењето ни беше прекрасно, имавме многу игранки, посебно беа интересни серенадите со кајче кои ги правевме во Охридското Езеро. Функциониравме како целина, не се делевме по никоја основа. По средношколските денови со голем дел од соучениците и понатаму контактирав и се трудев на секого да му излезам во пресрет и да му помогнам, ракажува Велковска.

Можноста да ја продолжи својата работна кариера во училиштето во кое го завршила средното образование ја имала Вера Главинчева која повеќе од 30 години работела како професор во охридското Економско училиште.

-Ние сме генерација на еволуција. Како деца ги паметиме првите велосипеди, првиот часовник, првото радио, првиот телевизор… Се воспитувавме социјалистички и живеевме социјалистички. Ја доживеавме транзицијата, иако голем дел од нашата генерација продолжи да живее со една носталгија за социјализмот. Сега сум среќна што ги живеам пензионерските денови и сметам дека нема подобар период од животот од пензионерските денови, ако човек е исполнет и ако знае да си го осмисли животот, раскажува Главинчева.

Андон Групчев кој исто така ги живее пензионерските денови, од своите соученици беше посочен како највитален бидејќи интензивно се занимава со рекреативно-спортски активности.

-Го сакам спортот и пензионерските денови ги поминувам активно, се бавам со пливање, ролирање и скијање. Од средношколските денови ми останаа многу другари, со дел од нив се среќаваме често, пиеме кафе и споделуваме спомени. Интересно е тоа што учениците од нашата генерација го поминаа својот работен век на различни работни места и имаа успешни кариери, вели Групчев.

Сулејман Џељо кој е еден од истакнатите стопанственици и бизнисмени во Охрид исто така истакна дека неговата генерација била една од најдобрите која завршила во охридското  Економско училиште.

Ние бевме генерација која имаше големо другарство со меѓусебно помагање, бидејќи во времињата во кои ние живеевме и учевме имаше еден просечен животен стандард и речиси сите бевме еднакви.  Имаше големо дружење и на училиште, но и надвор од него. Со голем дел од средношколските другари продолживме да се дружиме и на факултет и голем дел од тие другарства ги одржувам до ден денес. Имавме среќа да имаме извонредни професори, стекнавме големо знаење и животна дисциплина која ни помогна да имаме успешни кариери, вели Џељо.

Иако поголемиот дел од учениците на оваа генерација комунициреле во текот на изминатите 50 години, на вчерашниот матурски собир имаше и такви кои со своите средношколски другари се сретнаа за прв пат по матурирањето. Една од нив беше и Мирјана Иванова, која специјално за средбата допатувала од Холандија.

-Јас веќе 44 години живеам во Холандија, таму завршив Работна психологија се омажив и формирав семејство. Често пати се сеќавав на средношколските денови и имав желба да ги видам моите средношколски другари и еве сега ми се оствари таа желба. Тогашното дружење беше длабоко од срцето, а другарството беше вистинско другарство. Бевме како сестри и браќа, немаше љубомора, многу си помагавме, си ги делевме книгите и учевме заедно. Сметам дека средношколските денови беа еден фундамент на мојот живот и тие вредности кои ги стекнав во тоа време ме оформија како личност, а јас се трудев тие вредности да им ги пренесам на моите деца, вели Иванова.

Таа изрази надеж дека ќе ги одржи контактите со пријателите од средно, бидејќи сега е пензинерка и почесто доаѓа во Охрид, па ќе има прилика повторно да оствари средба со дел од нив.

Е.М