Средношколците од Струга со мирен марш оддадоа почит кон загинатите од несреќата во Кочани, но и го искажаа револтот кон системот и корупцијата.

Со испишани транспаренти со пораки: „Некој мора да сноси одговорност“, „Безбедноста е право, а не привилегија“, „За утре да не има“, „Ние сме глас за оние кои немаа можност да проговорат“, „До кога ќе ни ја убивата младината“ велат корупцијата мора да се спречи, потребни се промени на системот за да се спречат во иднина вакви немили настани, да можат младите да ја градат својата иднина во својата држава и да се чувствуваат безбедно.

Денес сме собрани да ја искажеме нашата тага и да ги споделиме нашите мисли, очекувања и незадоволство. Се одлучивме на мирен марш бидејќи еден ден може да е секој еден од нас, ние сме младоста на оваа држава, ние сме државата.

Сметам дека младината треба да го продолжи ова, да сме силни и храбри со цел да ја спречиме корупцијата за да не страдаме и ние. Страшно беше, бевме потресени сите. Да се прекине корупцијата и да има правда за сите.

Се собравме денес прво да искажеме почит за загинатите во Кочани, како и за да покажеме револт поради системот и корупцијата кои ни одзема многу млади и невини животи. Не е првпат што на ваков начин гинат невини луѓе во нашата држава поради корупцијата и системот, им го зема животот на децата пред кои беше иднината, пропаднаа сите соништа кои ги имаа во една вечер. Многу ми е жал што на таква забава на трагичен начин загинаа толку млади луѓе. Навистина треба да преземеме нешто и да не оставиме повторно поради корупцијата на нашата држава да гине народ, туку да се собереме и да направиме промена, што ќе гарантира нашата држава да не претрпе повторно ваква загуба, велат средношколците.

Кон маршот се приклучија и родителите на средношколците кои го делат истиот став, дека се потребни промени, бидејќи, велат ни фали систем, ред и дисциплина.

Со секоја нова Влада имаме нови милионери, со секои нови избори имаме нови милионери и нови жртви. Знаеме и претходно што се слуи, случајот и настанот со Дурмо Турс, Беса Транс, Модуларната болница, сега и ова. Ова е навистина премногу. Дојде време ние како родители со сила и да не сакаат децата да ги праќаме во странство за да имаат систем. Нас ни фали систем, мир, ред и дисциплина. Ни фали децата кога ќе излезат да не се грижиме дали ќе се вратат живи и безбедни. Имаме слобода која ја нема во светов, но немаме мир. Многу сум загрижена и потресена и време е сите да се свестиме. Немаме друга држава, ова е наша и заедничка и сите треба да продолжиме вака сплотени. Сплотени сите како што јас ова го видов во Струга, без поделба на вера и нација, поддршка од сите граѓани. Мора да се води сметка и да се подигне свеста на нас самите како граѓани, како родители. Ова е целокупен општетествен проблем, не само политички. Треба да внимаваме и како ги воспитуваме децата, како ги насочуваме, вели стружанката Елизабета Пинтоска.

Пред почетокот на маршот беше посочено дека истиот ќе биде мирен собир, без инциденти, а учениците по завршувањето на истиот ќе се вратат на настава.

Маршот тргна од пред Центарот за култура „Браѓа Миладиновци“ се движеше по кејот на реката Црн Дрим, низ струшката Чаршија и заврши повторно од местото каде што почна.

Н.С.Ј.