Ученици од охридските средни училишта, попладнево протестираа пред зградата на Општина Охрид против полагање државна матура. Сметаат дека и за оваа генерација, како и за минатата, треба да биде укината зашто и натаму трае епидемијата и наставата на далечина.
На протестот охридските средношколци истакнаа транспаренти со кои се обратија до МОН и министерката за образование, да ја преиспитаат одлуката за организирање државна матура по завршување на тековната школска година.
Протести против државна матура денеска се одржаа со повеќе градови од земјата. Матурантите се одзваа на повикот за протест што го упати Средношколски глас. Оттаму соопштија дека средношколците се „против дополнителен хаос во образованието“ и дека и онака немањето услови за настава се отежнува со дополнителни неосмислени програми за полагање на матурата.
Образованието ни виси на конец, не можеме да го стекнеме вистинскиот обем на учење и добивање практично и теорично знаење, и полагањето на матура за учебната 2020/2021 година е невозможно на начин каков што е предложен од страна на Министерство за образование. Физичко присуство на учениците за еден од предметите, а дел да се полагаат онлајн воопшто не е соодветен модел да се полага државна матура, велат од Средношколски глас.
Претставници на матурантите од Средношколскиот сојуз, оваа недела имаа средба со министерката за образование и наука Мила Царовска во врска со полагањето државна матура.
По консултации со сојузи од регионот и од Европа, Сојузот прифаќа да се полага државна матура, која и оваа година се организираше во други држави, но побара помалку да е застапен материјалот откако почна пандемијата и бројот на екстерни испити да се намали од три на два.
Од МОН е прифатено првото барање и испитете ќе се полагаат по скратени програми, но не и второто барање затоа што, како што нагласи вчера Царовска, не може во од да се менува концепцијата за матурата, но дека ќе има промени за наредната генерација во учебната 2021/2022 година.
Реагираше Министартсвото за образование, од каде рекоа дека матура мора да има, и не смее да се прави компромис со квалитетот на образованието.
Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес, соопшти Министерството за образование и наука во врска со протестот кој попладнево пред МОН го организира Средношколски глас.
МОН во реакцијата наведува дека нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава. Иако оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, посочува МОН, со огромен ангажман и посветена работа на наставниците, учениците и родителите обезбеден е континуитет во образовниот процес.
OhridNews