Организација на потрошувачите на Македонија (ОПМ) денес на Факултетот за туризам и угостителство Охрид, со почеток во 11.30 часот ќе одржи промотивна средба на која ќе бидат претставени активностите на ОПМ овозможени преку проектот: „ Јакнење на правата на потрошувачите во финансиските услуги (Enforce Consumer Rights in Financial Services)“, финансиран од страна на Европската унија, преку Европската Организација за заштита на потрошувачите – BEUC.
Нашите активности во рамките на проектот се со цел да ја подобриме положбата на потрошувачите и да обезбедиме нивна подобра заштитата, особено во доменот на финансиските услуги, во случаите кога голем број потрошувачи се оштетени од еден ист давател на услугата, со што всушност ќе придонесеме за подобра колективна заштита на правата на потрошувачите, велат од ОПМ.
Посочуваат дека колективната заштита на правата на потрошувачите е уредена со Законот за заштита на потрошувачите, а се очекува и усвојување на Предлог Законот за парничната постапка со која како новина се предвидува поднесувањето на тужба за заштита на колективни интереси и права, против физичко или правно лице кое со вршење на одредена дејност или воопшти со постапување или пропуштање потешко ги повредува или сериозно ги загрозува таквите колективни интереси и права.
Организацијата на потрошувачите на Македонија, во рамки на надлежностите предвидени со Законот за заштита на потрошувачите, почнувајќи од месец јуни 2024 година, е овластено тело за заштита на колективните интереси и права на потрошувачите, а којашто надлежност беше доделена со Решение од страна на Министерството за економија и труд на Република Северна Македонија, истакнуваат.
На средбата, додаваат, ќе се разговата за законската и институционалната рамка за колективна заштита на потрошувачите, возможноста за судска заштита и алатките кои ни стојат на располагање при заштита на нашите колективни интереси, при што посебно ќе биде ставен акцент на дигитална алатка „ПРИЈАВИ ПРОБЛЕМ ЗА ФИНАНСИСКИ УСЛУГИ.
OhridNews