По изминати 45 години, матурантите од  генерацијата 1959/1963 година од Охридската гимназија и Учителската школа во деновиве повторно седнаа во училиштните клупи   за да се потсетат на  најубавите години од животот кога, како што велат, главна одлика им било дружењето.

Дел од нив, животот ги однел надвор од  Македонија, но  тие повторно се вратија тука за да ги обноват спомените за другарите, професорите, средношколските случки.

” Не е важно како изгледаме, важно е што сме живи и здрави”  изјави Ведат Хасан  кој живее во Истанбул, Турција. И  Васе Тодоровска- Крстиќ по завршувањето на учителската школа во Охрид работела како учителка во Австралија. Таа  исто така не го криеше задоволството од средбата со своите некогашни соученици, иако како што рече, многумина од нив едвај ги препознала.

Оваа генерација учители ја одбележа дружењето, заедничкото одење во кино или на матине. И ден-денес, некои од нас повторно се дружат меѓусебно, коментираа некогашните матуранти.

“Одбележувањето на 45-годишнината од матурирањето не е само обична средба”, смета Сталин Лозановски. “Покрај средбите со нашите драги другари и другарки од средношколските денови, сакаме и да ја промовираме учителската професија, која во ова време, за жал е се помалку и помалку ценета, рече тој.
    
Половина век од завршувањето на средното образование викендот одбележаа и матурантите  од охридската гимназија од генерацијата 1957/58 година. Тие одржаа класен час, а  дружењето го продолжија во еден од охридските хотели.

Александра Ристовска