Во просториите на Општина Охрид, денес, градоначалникот Кирил Пецаков оствари средба со американската амбасадрока Анџела Агелер која беше придружувана од тим на експерти од областа на заштитата на животната средина и влијанието на луѓето врз езерата.

Фокус на разговорот беше животната средина, УНЕСКО и развојот на градот. Градоначалникот ја информираше амбасадорката дека во тек се неколку проекти кои се од оваа област, како и за проектите за кои е изготвена потребната документација и за кои се чека обезбедување на финасии како што се изградба на прочистителна станица Трпејца и изградба на канализациона мрежа долж Охридското крајбрежје до Св. Наум. Исто така, се разговараше и за напредокот во исполнувањето на препораките од УНЕСКО. Тука беше потенцирано дека Охрид е многу понапред во реализацијата на препораките пред другите засегнати општини, велат од Општина Охрид.

Тимот на експерти и амбасадорката изразиле поддршка за посветеноста на Општина Охрид и градоначалникот во имплементирањето на препораките, како и за посветеноста во реализација на проекти кои се клучни во заштитата на Охридското Езеро и животната средина, посочуваат од Општина Охрид.

Амбасадорката Агелер истакнала дека Општината ја има и ќе ја има поддршката од Американската амбасада за посочените проекти.

Експертите кои подолг период престојуваат во Охрид и притоа имаат остварено средби со засегнатите страни во менаџментот на Охридското Езеро, владини претставници, експерти, како и со невладини и граѓански организации, изразија позитивни видувања за придвижувањето кон позитивна насока на заштитата на Охридското Езеро, додаваат од Општина Охрид.

OhridNews