Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Јапонија, Сашо Донев оствари средба со амбасадор на оваа земја во Скопје, Оцука Казуја.
Пратеникот Донев и амбасадорот Казуја разменија мислења за досегашната соработка и за јапонската поддршка за нашата земја во повеќе области, како и за можностите за продлабочување на односите.
Донев ја истакна поддшката од Јапонија за неколку значајни проекти во Охрид и нагласи дека, како претседател на ПГ за соработка меѓу парламентите на двете земји, ќе направи се за продлабочување и интензивирање на соработката, информираат во соопштението од Собранието на Република Северна Македонија.
Амбасадорот Казуја, посочуваат, го реафирмира интересот на Јапонија за продолжување и продлабочување на односите со Северна Македонија, посочувајќи дека е запознаен со сите битни процеси во земјава, како членка на НАТО и аспирант за членство во ЕУ.
Присутни на средбата беа и пратениците Илир Хасани и Пеце Милевски – членови на ПГ за соработка на Собранието на РСМ со Парламентот на Јапонија.
Соговорниците поконкретно се осврнаа и на поддршката од Јапонија, како еден од најголемите билатерални донатори во нашата земја во областа на образованието и здравството, преку проектите за техничка соработка, грантови и донации. Исто така, беа разгледани можностите за привлекување инвеститори во делот на технологијата и енергетиката, потенцираат.
Со оглед на тоа што годинава се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу двете земји, пратениците ја поздравија иницијативноста на амбасадорот Казуја за достојно одбележување на јубилејот, преку културни активности, со што се придонесува за меѓусебно приближување и запознавање на граѓаните на двете држави, додаваат во соопштението од Собранието.
OhridNews