Рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Барак Обама на маргините од самитот на групата Г20 во турска Анталија, имале 35-минутен разговор на кој било дискутирано за сириската криза, при што се согласиле за политичката транзиција која треба да ја спроведе сирискиот народ, во борбата против тероризмот, но и дека остануваат разликите меѓу двете земји, пренесуваат агенциите повикувајќи се на претставниците на Белата куќа и Кремљ, пренесува „Макфакс“. 

Двајцата челници ја искористиле паузата меѓу состанокот на шефовите на државите од БРИКС и почетокот од работната сесија на самитот. Путин и Обама во еден од кулоарите на самитот разговарале во присуство само на нивни соработници. 

Службата за односи со јавноста на Белата куќа претходно кусо објави дека американскиот претседател на рускиот колега му искажал „длабоко сочувство“ во врска со неодамнешното уривање на рускиот патнички авион во Египет со 224 патници и членови на екипажот. 

Разговорот според малубројните телевизиски кадри, се одвивал во присуство на советничката на американскиот претседател за национална безбедност Сузан Рајс, која во текот на разговорот активно прави забелешки во нотесот. Претходно таа ги информираше новинарите дека формален состанок меѓу американскиот и рускиот претседател не е распоредот на самитот Г20 во Турција, не е закажан, но појасни дека Обама и Путин ќе имаат многу можности за директна комуникација. 

Дека не е предвидена официјална средна на двајцата најмоќни луѓе на планетата, потврди и советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков, но и тој претходно не исклучи дека се можни неформални разговори меѓу Путин и Обама. 

Според Ушаков, двајцата претседатели разговарале за ситуациите во Сирија и во Украина. „Имаше можноста да разговараат доста опширно, и разговорите се водеа по две теми., прво за Сирија а потоа за Украина“, рече Ушаков, прецизирајќи дека на ситуацијата во Сирија ѝ бил отстапено повеќе внимание. 

Според него, Владимир Путин и Барак Обама, истовремено размениле мислења за „многу критичната ситуација“ во врска со терористичките напади во Париз и другите форми на тероризам. 

Одговарајќи на прашањето за тоа дали дошло до приближување на позициите во врска со Сирија за време на разговорот, Ушаков истакнал дека стратешките цели во борбата против тероризмот и кај Русија и кај САД се многу блиски, но останува разликата во тактиките. „Односно, стратешките цели кои се однесуваат на борбата против Исламската држава, во принцип се многу блиски, а според примената двете земји уште се разидуваат“, истакнал Ушаков, пренесува агенцијата ТАСС. 

Службата за односи со јавноста на Белата куќа, исто така, објави дека се одржале „конструктивни разговори“ кои траеле 35 минути. 

„Претседателите Обама и Путин се согласија околу потребата за политички реформи во Сирија, кои треба да се спроведат како резултат на сегашните преговори меѓу актуелните власти и опозицијата со посредство на ОН, како и за прекин на огнот“, се издвојува во соопштението. 

Обама, исто така, се задржал и на значењето на рускиот воен ангажман во Сирија. „Претседателот Обама ги поздрави напорите на сите земји во борбата против терористичката група Исламска држава и ја истакна важност ана воените напори стоа на Русија во Сирија“, се додава во соопштението на Белата куќа, пренесува Реутерс. 

Според Белата куќа Обама и Путин констатирале дека разговорите во Виена ќе доведат до позитивни резултати. „Челниците истакнаа дека во Виена во текот на последните седмици е постигнат напредок во сферата на дипломатијата. Претседателите Обама и Путин особено се согласија за неопходноста од политичката трансформација во Сирија, при што главната улога ќе ја има сирискиот народ“, се додава. 

„Претседателот Обама ја потврди својата поддршка за целосна имплементација за договорите од Минск“ за постигнување мир во Украина, се додава во соопштението на Белата куќа 

Обама вети пораз на IS, Путин повикува на заеднички напори во справувањето со тероризмот 

САД ќе ги удвојат напорите да ја поразат Исламската држава и во Сирија да донесат мир, изјави американскиот претседател Барак Обама во турска Анталија на почетокот од самитот Г20, а на истото место неговиот руски колега Владимир Путин рече дека можно справувањето со терористичката закана само со обединување на напорите на целата меѓународна заедница. Двајцата лидери имале кус разговор во четири очи за чија содржина засега нема информации. 

Американскиот претседател Барак Обама оцени дека нападите во Париз се напад врз сиот цивилизиран свет. „Небото поцрни пред ден и половина во Париз“, рече по средбата со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. 

Обама рече дека Исламката држава има „изопачена идеологија“, „Ќе ги удвоиме напорите заедно со другите членки на коалицијата и ќе ја елиминираме Даеш (арапска кратенка за ISIL) којашто им задава толку боли на луѓето во Анкара, Париз и на други места во светот“, додаде американскиот челник. 

Според него, Вашингтон и неговите сојузници работат на остварување на политичката транзиција во Сирија, „којашто ќе ги прогони патењата на толку многу луѓе и ќе го елиминира окружувањето во кое Исламската држава може да дејствува“. 

Ердоган рече дека нападите во Париз, Анкара… покажуваат дека светот се соочен со колективна безбедносна закана. Најави дека Групата 20 ќе испрати силна порака во борбата против тероризмот. „Соочени сме со колективна закана. Овој терористички напад не беше само врз францускиот народ, туку врз целото човештво“, рече Ердоган. 

„Свесни сме дека за справување со терористичката закана и за да им помогнеме на милионите луѓе кои ги загубија своите домови, единствено е можно со обединување на напорите на целата меѓународна заедница“, рече рускиот претседател Владимир Путин на неформалната средба во Анталија со челниците на земјите од БРИКС. 

Притоа оцени дека терористичкиот напад во Париз е „ужас“ и изрази „сочувствува со болката на луѓето“ истакнувајќи дека секогаш се „залагам за обединувањето на силите за што поефикасно справување со терористичката закана“. 

Путин истакна и дека е потребно да се дејствува во согласност со Повелбата на ОН, врз основа на меѓународните норми и уважување на суверените права на легитимни интереси на секоја земја.

OhridNews
извор:„Макфакс“