Во Струга владее многу пријатна атмосфера, како никогаш досега бидејќи нашите граѓани не прават никакви етнички или верски разлики меѓу себе, нема никакви проблеми и се надеваме дека ќе биде вака. Тоа го изјави градоначалникот Рамис Мерко по средбата со претставници од црквата „Свети Георгиј“ и Полициската станица во Струга, на која биле прецизирани детали за организирање на Струшката литија, што традиционално ќе се одржи на 7 мај.
За време на еордијата, струшката полиција ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Полициската станица од Струга презема активности за што подобро одвивање на оваа верска манифестација, пред се за регулирање на патниот сообраќај, како за возилата, така и за пешаците, преку посебен режим во патниот сообраќај, за некои од главните улиците на градот. Секако тука спаѓа и обезбедувањето јавен ред и мир, потенцираше командирот на Полициската станица од Струга, Абдулкерим Камбери.
Сенародната струшка еордија (литија), со моштите на „Свети Георгиј Победоносец”, неговата чудотворна икона и Крнинската чудотворна икона на Богородица, традиционално ќе се одржи на 7 мај низ улиците во Струга.
Оваа традиционална прослава на православните верници од Струга, секоја година станува се поголема и поатрактивна, затоа сме среќни, истакна отец Васко Голабоски од црквата „Свети Георгиј“.
OhridNews