Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска во вила „Билјана“ во Охрид го прими гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, 

Како што информираат од Кабинетот на претседателот, на средбата се разговарало за поставеноста на монетарната политика на Република Македонија, во контекст на последните случувања од грчката должничка криза и за можните рефлексии врз нашата држава.

Гувернерот Богов го информирал претседателот за преземените мерки и активности на Народната банка на Република Македонија, како и за можните сценарија при разрешувањето на кризата во еврозоната. Тој потенцирал дека македонскиот банкарски систем е стабилен и дека може без поголеми последици да ги издржи ударите од кризата.

Претседателот Иванов и гувернерот Богов констатирале дека Народната банка на Република Македонија претставува стабилна институција која досега покажа капацитет во постигнување на финансиска стабилност и одржување на сигурен и стабилен банкарски систем.

OhridNews