Билатералните односи, регионалните прашања, Косово, како и енергетската криза, меѓу другото, биле темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и српскиот претседател Александар Вучиќ на нивната вечера во Атина.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, грчкиот премиер синоќа, на српскиот претседател му приреди вечера и пречек во премиерската палата, а двајцата, преку социјалните мрежи информираа за темите за кои разговарале.

Мицотакис на Твитер напиша дека на вечерата со „пријателот Вучиќ во Атина“, имале можност детално да разговараат за билатерални односи, регионалните случувања и „како можеме поблиску да соработуваме во овие тешки услови за сите поради војната во Украина и енергетската криза“.

Српскиот претседател на Инстаграм напиша дека со грчкиот премиер разговарале за Косово и Метохија, за сите теми што се важни не само за Србија, туку и за целиот регион, како и за енергетската ситуација и меѓусебната поддршка, а му се заблагодари на Мицотакис за срдечниот пречек и за поддршката на Грција за патот на Србија кон Европската Унија.

Вечерата на Мицотакис и Вучиќ во четвртокот беше најавена од кабинетот на грчкиот премиер, додека пак српскиот претседател вчера попладне на Инстаграм објави фотографија од Атина, напиша дека стигнал „на важен состанок со искрениот пријател на Србија, Кирјакос Мицотакис“, рече дека очекува да се зајакнат и унапредат политичките и економските односи меѓу двете земји, но и дека посетата на Атина му е подрага од онаа што следи по неа.

OhridNews